Борко Ристовски не сака да навлегува во дебати околу неговото изоставување од списокот на националниот тим за СП 2017 во Франција. Искусниот голман одби директно да му одговори на селекторот Лино Червар од кого беше окарактеризиран како „емотивно исцрпен“, јасно ставајќи до знаење дека не сака да навлегува во „војна“ која би и штетела на репрезентацијата, но и порачувајќи дека личните суети не треба да играат улога кога станува збор за националниот тим.
– Да бидам искрен познавајќи одредени личности ништо не ме изненадува. Сепак, ќе се водам од своите принципи со кои сум се водел отсекогаш и нема да коментирам ништо понатаму на оваа тема. Својата страна на приказната наречена „емотивна исцрпеност“ ќе ја кажам во некоја блиска иднина. Сепак јас сум личност, играч на Барселона и моето ниво не ми дозволува да водам приватни војни со никого, уште повеќе ако тоа штети на репрезентацијата. На селекторот, стручниот штаб, играчите и голманите без разлика кој и да биде на голот им посакувам многу среќа на СП и ја имаат мојата искрена поддршка за успех. Сепак, има нешто поголемо од лични суети кога се работи за репрезентација и држава – порача Борко Ристовски од Барселона.
Само за потсетување, Червар се реши да го избрише Ристовски од поширокиот список откако не го вклучи голманот на Барса меѓу четирите чувари на мрежата за мундијалот. Хрватот го врати во националниот тим Никола Митревски, крај кого повикани се уште и Колев, Трајковски и Ѓорѓески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.