Советот на Град Скопје денеска од 11 часот ќе одржи комеморативна седница за пејачката, текстописец, хуманитарка и советник во Град Скопје Есма Реџепова – Теодосиевска, која почина вчера по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст. Во салата на Советот ќе биде отворена и книга на жалост.
Есма Реџепова е родена во Скопје на 8 август 1943 година. Го носеше епитетот „кралица на ромската песна“, а нејзината богата и меѓународна музичка кариера непрекинато траеше 55 години. Имаше репутација на светски уметник со повеќе од осум илјади концерти, настапи на над 15 јазици, издадени 60-ина албуми.
Во мај 2013 година Есма Реџепова – Теодосиевска ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Малме со поп-пејачот Влатко Лозановски-Лозано и песната „Пред да се раздени“. Во 58-годишната историја на евровизискиот натпревар првпат една композиција делумно беше испеана на ромски јазик.
Во септември 2013 година беше одликувана со титула „Национален уметник на Република Македонија“ за нејзиниот децениски придонес за афирмација на Република Македонија во светот. Највисокото признание го доби и за нејзината хуманост и подобрувањето на социјалниот живот на Ромите, зашто со сопругот Стево Теодосиевски се грижела за 47 бездомни ромски деца и го сменила нивниот живот.
За мисијата на врвен уметник и културен амбасадор на државата, таа во 2010 година од претседателот на државата Ѓорге Иванов беше одликувана и со „Орден за заслуги на Македонија“.
Својот талент за пеење Есма го покажала пеејќи песна во претстава и добила покана да учествува на меѓуучилиштен натпревар во пеење во Сарај. Естрадниот уметник Стево Теодосиевски го убедил нејзиното семејство таа да настапува со неговиот ансамбл. Есента 1957 година Есма победила на натпреварот и добила покани за соработка од Радио Скопје. Музичките критичари во 13-годишното девојче откриле вонсериски талент.
Животот на Есма оттогаш добил поинаков тек. Се вклучила во ансамблот на Теодосиевски, кој се грижел за нејзината кариера во која имало голем број турнеи во поранешната СФРЈ. Првата надвор од државата била во Бугарија во 1961 година. Со темпераментот и ромскиот музички ритам го освоила светот, а со стекнатата популарност Есма влегла во протоколот на претседателот на Југославија. Првпат пеела пред Тито во 1961 година, како и пред други државници кои кај него доаѓале во посета.
Скопјанката Есма од 1960 година станала жител на Белград. Музиката и заедничкото живеење со Стево Теодосиевски ги крунисала во брак во 1968 година кој траел 30 години, до неговата смрт во 1997. Тие немале свои, биолошки деца, но посвоиле и одгледале 47 кои растеле и се школувале во ансамблот „Теодосиевски“.
Есма беше и политички активна – членуваше во поранешната партија Демократска алтернатива, а почина како актуелен советник во Советот на Град Скопје од редовите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа година беше објавена монографија за неа и нејзиниот животен сопатник и музички соработник Стево Теодосиевски од публицистот Славе Николовски-Катин. Изданието, насловено „Есма“, го објавија „Македонска искра“ и асоцијацијата „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје, со поддршка на Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.