Екипата на Ливерпул западна во резултатска криза во Премиер лигата откако второ коло по ред не успеа да стигне до трите бода. По киксот и загубениот натпревар од Бурнемаут, во денешниот натпревар на „Енфилд Роуд“ против Вест Хем избраниците на Јирген Клоп едвај успеаја да стигнат до бод.ж
Почетокот најави дека ова ќе биде лесен меч за „црвените“, кои експресно го отворија резултатот преку Адам Лалана. Домаќините промашија и неколку шанси за втор гол, па казната ги стигна на спротивната страна. Димитри Паје постигна израмнувачки гол од слободен удар при кој Кариус можеше многу подобро да интервенира, а потоа Антонио набрзина повторно ги шокираше домашните фанови на „Енфилд“ за целосен пресврт и водство на „чеканите“.
Ливерпул тргна во тотална офанзива и на стартот од вториот дел израмни преку Ориги, по слабата интервенција на голманот Рендолф по центаршутот на Ориги. До крајот можеше да се проследи целосна доминација на избраниците на Јирген Клоп, се редеа шанси на Мане, Ориги, Хендерсон, Вајналдум и Клајн, но Вест хем успеа да се одбрани, па „црвените“ загубија уште два значајни бода во трката за висок пласман.
Челси се наoѓа на врвот на табелата со 37 бода, три повеќе од Арсенал, а Ливерпул сега е третопласиран со шест бода заостанување зад лидерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.