Веднаш по трагичната авионска несреќа на Чапекоенсе се појавија безброј шпекулации околу бројни фудбалски имиња што би можеле да го облечат дресот на бразилскиот клуб. Најзвучни имиња беа Роналдињо и Рикелме, преку својот твитер-профил самиот се понуди и Гудјонсен, но ниту еден од овие трансфери нема да се реализира. Причината е сосема едноставна – раководството на Чапекоенсе има јасна визија за патот по кој ќе треба да се движи „повторното раѓање“ на овој клуб, а таа визија не вклучува ангажман на поранешни фудбалски асови кои се на залезот од своите кариери.
– Му благодариме на Роналдињо, како и на сите останати ѕвезди кои се понудија да ни помогнат во овие тешки моменти. Сепак, нашиот план се состои во наоѓање на млади фудбалери и почеток на болниот процес на составување на нов тим што ќе настапува во светиот дрес. Секако дека нема да биде лесно, но верувам дека наскоро ќе бидеме доволно компетитивни барем во бразилските лиги, Примеира, Естадуа и Бразилеаро. Копа Либертадорес е многу поквалитетно натпреварување и ќе треба добро да размислиме дали воопшто можеме да одговориме на тој предизвик – изјави претседателот на Чапекоенсе, Иван Тоцо.
Чапекоенсе во моментов има само шест фудбалери во својот ростер, оние кои не отпатуваа со кобниот лет за Колумбија, а првиот натпревар на овој клуб е закажан за 25 јануари против Џоинвил во рамките од бразилското првенство. Останатите клубови стартуваа петиција за на Чапе да му биде дозволено да позајмува бесплатно фудбалери од другите екипи, се со цел да му се помогне на овој тим што поскоро да се консолидира и да застане на здрави нозе по огромната трагедија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.