| четврток, 6 декември 2018 |

Во Македонија се чувствувам како домаќин, а не како странец

Љубовна приказна за почеток на нов живот во туѓа земја. Лаура-Александра Серафимовски – Дика од Романија е жена што во својата матична земја во текот на студиите се запознава со Македонец што денес е нејзин сопруг. Љубовта ја носи да живее овде. Веќе пет години има постојан престој во Македонија, таа овде има своја занаетчиска продавница и, како што открива за „Република“, релаксиран и пристоен живот. Зборува солидно македонски јазик, а знае и да пишува на кирилица

Кога првпат дојдовте во Македонија?

Тука дојдов пред десет години како турист и од тогаш пред пет години секоја година доаѓав на одмор. Сега сум веќе тука со постојан престој на живеење цели пет години.

Која беше причината поради која се решивте да ја посетите Македонија?

Лаура: Виновникот за мојата прва посета на вашата земја беше мојот сопруг Драган. Со кого се запознавме во Романија. И двајцата студиравме на ист факултет. Таму почнавме врска и како што одминуваше времето тој ме покани да дојдам и да се запознаам со неговата родна земја. Морам да истакнам дека првиот впечаток ми беше, навистина, позитивен, поради што и во текот на наредните години јас без сомневање сакав повторно дел од моето слободно време да поминам токму тука.

Која е Вашата оцена? Ви се допаѓа ли начинот на живот во Македонија?

Лаура: Ќе бидам искрена и ќе кажам дека пред десет години, кога првпат стапнав на македонска територија, тоа што најмногу ми остави впечаток беа луѓето. Македонскиот народ за мене тогаш изгледаше како многу релаксиран, насмеан, многу ведар. Ако направам споредба од тогаш и сега можам само да кажам дека работите се променети, денеска овде се живее многу подинамично, поради што сликата малку е променета. Како човек што доаѓа од Романија сметам дека Македонците треба да бидат малку посериозни, најмногу кога станува збор за работа, професионалност и работни обврски.

Како човек што доаѓа во туѓа земја со странски јазик, Ви беше ли тешко да почнете да живеете овде?

Лаура: На почетокот ми беше тешко само со јазикот. За мене македонскиот јазик е тежок јазик бидејки романскиот јазик спаѓа под латинската група на јазици и поради тоа ми беше многу тешко да го научам македонскиот. За да го совладам најмногу ми помогна сопругот, но и пријателите и роднините. Иако сѐ уште не го имам научено сто проценти, за солидно да го зборувам ми беа потребни околу две години. Инаку, веќе научив и да пишувам на кирилица. Се потрудив начинот на живот овде да го направам покомотен за мене.

Покрај различноста во јазикот, колку Македонците карактерно и со навиките во живеењето се разликуваат од романскиот народ?

Лаура: Нема голема разлика, но Романците се поотворен народ, сакаат да експериментираат, сакаат нови работи. Јас еве како занаетчија можам да го потврдам тоа. Луѓето во Романија повеќе ја сакаат рачната изработка, сакаат да видат нешто поинакво на пазарот, тука тоа не е така. Треба да помине подолг временски период за да се запознаат со нечија работа и со производите.

Ја споменавте Вашата работа, како се решивте да почнете свој бизнис овде?

Лаура: Јас кога решив да станам занаетчија, бидејќи тоа со што се занимавам сега ми беше само хоби, отидов во Комората на занаетчии на град Скопје. Таму мојата идеја ја примија многу позитивно, беа љубезни и ми кажаа што треба да направам за да почнам со работа. Јас изработувам накит и украси претежно од полимерна глина. Тоа е посебна глина што се пече. Иако правам работи што се модерни и се нешто ново на пазарот, сепак се трудам преку моите производи да допрам и до вкусот на македонскиот народ. Во Романија ја има таа традиција за мартинки, дознав дека и македонскиот народ ја негува таа традиција, па во март, на пример, за еден базар направив мартинки, уникатно изработени. И, навистина, наидов на многу позитивен одѕив од страна на потрошувачите.

Покрај работните обврски, како го поминувате слободното време во Македонија?

Лаура: Сакам да шетам, да се дружам со пријателите. Овде ми се допаѓа како луѓето го минуваат своето време, но, од друга страна, тоа ми е и многу чудно. Во Македонија постојано има многу луѓе по кафулињата и кафеаните во текот на целиот ден. Кај нас во Романија тоа не е така. Иако е убаво што во текот на денот има каде да се оди. Романецот не практикува ваков начин на живот, таму од наутро до 16 часот попладне сите се на работа и кафулињата и кафеаните се празни. Кај нас се знае дека атмосфера со многу луѓе во кафуле може да се види по 19 часот. Овде и кога ќе ми дојдат пријатели од Романија токму за ова најмногу се чудат, за нив како туристи е многу пријатно изненадување. Оваа состојба беше необична и за моите родители, брат ми. Сакам и да патувам и со сопругот сум била во повеќе градови во Македонија: Охрид, Берово, Прилеп, Битола, Крушево, Велес, но кога би избирала во кој од овие градови сакам повторно да отидам за релаксирано да го поминам времето би отишла во Охрид. Езеро, планина, единствена природа. Во Охрид можеш да шеташ цел ден и да се чувствуваш исполнет и одморен.

Познато е дека македонската и романската кујна се слични, но како ја оценувате Вие?

Лаура: Романската храна е многу позачинета од македонската, вашата е посолена и помрсна. Навистина ми требаше време за да ја прифатам и сѐ уште ми треба. Иако, во принцип, имаме многу слична кујна. Овде, на пример, и вашите слатки работи се и многу поблаги во споредба со Романија.

Што е тоа што најмногу Ви недостига од Романија, а сакате да го имате овде?

Лаура: Семејството и пријателите, иако и овде имам многу пријатели и роднини, сепак не е исто. Таму имам другари од детството и таа врска што ја имам со нив е нераскинлива. За мене, исто така, е важно што и во Македонија здобив пријателства со луѓе на кои секогаш можам да сметам. Македонците се навистина весел и љубезен народ и тоа е тоа што на секој странец кога ќе дојде овде му се лепи за срце и му се допаѓа.

Се чувствувате ли сѐ уште како странец во Македонија?

Лаура: Јас овде знам многу места и немам никаков проблем да прошетам со пријателите сама, немам потреба од сопругот да биде постојано со мене како преведувач. Кога ми доаѓаат моите пријатели од Романија сама ги шетам кога сакам да им покажам нешто од градот. Јас овде се чувствувам како домаќин, можам слободно да одам каде и да посакам и самостојно да се снајдам.

Пишува:К.Н.К.

(Текстот е објавен во 223 бр. на Неделникот Република)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top