| четврток, 6 декември 2018 |

Пандев за клупскиот сајт: Го посакувам Куп-пехарот и со екипата на Џенова

goran-pandev

Горан Пандев повторно сѐ почесто добива шанса кај тренерот Јуриќ, а македонскиот ас не го крие задоволството што  своите квалитети може да ги покаже на теренот и како член на Џенова. Како играч со најмногу трофеи во Купот на Италија (дури пет), Пандев се надева дека повторно ќе се закити со истиот пехар.

– Да се освои трофеј со Џенова, тоа сигурно би било неверојатно чувство. Овој клуб долги години бил успешен и освојувал пехари, ние сега правиме сѐ за да потсетиме на тие времиња. Искрено сакам да го освоиме пехарот во Купот на Италија и да им подариме радост на нашите верни навивачи. Веќе имам пет пехари во ова натпреварување со Лацио, Интер и со Наполи, еден во Турција, но доколку триумфирам и со Џенова, тоа би било фантастично достигнување. Ова не е сон, имаме добри играчи, играме квалитетен фудбал, сезонава веќе остваривме добри резултати против врвните италијански клубови. Распоредот на натпревари е пеколен за гигантите, тоа е нешто што ние би можеле да го искористиме – изјави Пандев за клупскиот веб-сајт на Џенова.

Македонецот воедно изрази жалење за ситуацијата во која се наоѓа Интер, клубот во кој Пандев ги оствари најголемите успеси во својата кариера.

– Не беше толку одамна кога со Интер ја освоивме тројната круна, со овој клуб ја освоивме тројната круна и си ги остварив сите соништа од детството. Никогаш не е лесно долго време да се остане на врвот, ниту пак да се исправиш по криза и повторно да влезеш во победнички ритам. Сметам дека овој период на транзиција ќе мине и Интер наскоро повторно ќе победува – порача Горан Пандев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top