| четврток, 6 декември 2018 |

Унитарна држава, официјален јазик

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Кај нас не се разобличија до крај гледањата од минатото за аспектите на нацијата, националната држава и нејзините обележја. Тоа објаснува зошто се јавуваат проблеми во разрешувањето на нашите внатрешни политички односи во државата.

Имено, во комунистичкото теориско и практично пледоаjе изостанува антрополошкото сфаќањето на народот како природна заедница, како што изостануваат и прашањата за релациите на народот со нацијата, космополитските односи меѓу народите, каков што е и денешниот стремеж на ЕУ да прерасне во заедница на народите.

Нацијата се сфаќа и практикува како ненадминлива политичка заедница претпоставувајќи го тогашниот политички систем. Како за таква повеќе нема интерес, не се ни споменува.

Во согласност со емпириско-позитивистичката (италијанска) или субјективно-психолошката (француска) теорија, според која нацијата се подразбира како еклектичко собирање на етноси, вклучувајќи го, како можен, и нивниот сепаратизам, се јавуваат во албанскиот политички корпус, и кај нас, такви гледања и настојувања. 

Но, се превидува дека токму, како што според италијанската емпиристичка теорија италијанската нација настанала за да функционира продолжително, националниот принцип е воведен во меѓународното право како основен критериум при создавањето суверена држава. Се разбира, нацијата како политичка заедница функционира според дефинирани демократски принципи, почитување на правата на човекот и на граѓанинот, правата на етничките групи и друго. Во нашите услови, сепак, не е докрај изнијансирано, особено во последно време, дека македонската нација е основата на македонската држава. И дека етничките Албанци,  покрај другите етнички припадници, ѝ припаѓаат на македонската нација, и тоа од времето кога се создава. Да се потсетиме дека различни етнички припадници на македонската нација се наведуваат, на пример, во актите на Илинденското востание. Нешта што сами по себе ги проблематизираат нереалните барања за промена на името, дури и со кое било име, како што се вели, „за да функционира“ македонската држава составена од етнички ентитети.

Народот е заедницата што, како многуфункционална заедница, долготрајно, природно се создава преку меѓусебните врски на определена територија. Затоа територијата на која се создава народот не е географска, туку етничка. Значи таа му припаѓа на народот. Тоа е територијата според која е создаден народот, а народниот јазик го одразува тоа. Во таа смисла Крсте Мисирков ќе рече дека „ јазикот на народот е неговото духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови, сите мисли, чувства и желби со кои има живеано и живее еден народ и кои се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго. Јазикот е нашата одредница како народ. Го искажува нашиот идентитет“.

Затоа, народот не може да ја напушти територијата, а притоа да остане истиот. „Првите гласови што ги имаме чуено се гласовите на нашите татковци и мајки, гласовите и зборовите на нивниот народен јазик. Преку нив  ја добиваме нашата прва духовна храна , зашто со нив се осмислуваше сè што гледавме со нашите очи. Со народниот јазик ние ја освојуваме психологијата  на нашите татковци и прадедовци и стануваме нивни духовни наследници, како што сме со снагата нивни телесни продолжувачи“.  Така се создаваат квалитетите и особините што кај другите балкански народи ги нема, а се само наша карактеристична црта, и се пројавуваат во своеобразните црти на карактерот, наравите, обичаите, животот, преданијата и јазикот.

Оттаму, македонскиот народ, како и другите народи, има природна поврзаност со територијата на која е создаван со векови и, со оглед на која, е создаден како посебност. Народот не може да ја напушти, а притоа да остане истиот. Оттаму и правото врз таа територија, како негова етничка територија, и правото на македонското име, кое носи идентитетска суштина и не е територијално, ниту географско. Затоа географското подведување под името би подразбирало дека народот сега живее, а потоа не, на определени рамнини, планини, покрај реки и езера.

Токму таа територија е клучниот елемент при создавањето на нациите што, помалку или повеќе, ја опфаќа како територија на народот во чијшто национален интерес се формира државата, според унитарен карактер и официјализација на националниот јазик. И затоа е за осуда своевременото лесно поведување со идејата за размена на територии, при што би била разменета Западна Македонија, лулката на македонската преродба, на Пејчинович, Пулевски, Партение Зографски, градежништвото, зографските и копаничарски тајфи. Или какви било други намери за прекројување на македонската држава.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top