| четврток, 6 декември 2018 |

Трофејот за Атлетико Мадрид, Роналдо, Мурињо и Реал останаа со празни раце (видео)

Атлетико Мадрид е победник во националниот куп на Шпанија, по победата од 2-1 против градскиот ривал Реал Мадрид. Со голот на Миранда во осмата минута од првото продолжение, популарните „јорганџии“ ја повторија епизодата од пред 21 година, кога на истиот стадион „Сантијаго Бернабеу“, кој е дом на Реал Мадрид, ги надиграа „кралевите“ во кралскиот куп. Тогаш беше 2-0, по 90 минути игра, синоќа, по регуларниот дел беше 1-1, а во дополнителните 30 минути, Атлетико славеше.

ronaldo1

Кристијано Роналдо му донесе предност на Реал со гол во 14 минута, во 34. израмни Диего Коста по извонредната акција на Радамел Фалкао. Колумбиецот на импресивен начин „измеша“ двајца противничи фудбалери и компјутерски прецизно го проигра Коста, кој погоди за анулирање на предноста на фаворитот.

Spanija

Во второто полувреме немаше голови, најмногу благодарение на голманот на Атлетико Тибо Куртоа и на рамките на неговиот гол. Озил, Бензема и Роналдо по еднаш ја погодуваа гредата, а кога беа прецизни, Куртоа на неверoјатен начин ја спречуваше топката на патот кон мрежата.

Kup

Миранда со погодок со глава во 98. минута го одлучи победникот.

Нервозата беше присутна, па Жозе Мурињо беше исклучен уште во регуларниот дел од играта, а надежите на Реал исчезнаа по црвениот картон на Роналдо. Во 114. минута, Португалецот без топка го удри Габи и мораше предвреме да го напушти теренот. И играчот што беше удрен, само 360 секунди подоцна заработи црвен картон, но мечот веќе беше решен. Мурињо ќе си оди од Реал Мадрид без трофеј сезонава, а неуспешната одисеја заврши со пораз од „јорганџиите“ во националниот куп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top