Михаил Јурецки дефинитивно нема среќа со повредите во последно време, откако неполна седмица по камбекот на терените полскиот ас се здоби со скршеница на коска во дланката и сега го очекува нова пауза од ракометните терени. Левиот бек на Кјелце својот камбек на терените по четиримесечна пауза го имаше на дербито во ЛШ против Вардар, по што тој настапи и на вчерашниот дуел со Висла Плоцк, на кој се здоби со незгодната повреда.
– Откако почувствував болка во дланката и таа стануваше се посилна побарав да се преселам на клупата за резерви. По мечот заминав во болница на прегледи, кои ги потврдија стравувањата дека повредата не е нималку наивна. До крајот на оваа седмица ќе морам да заминам на операција, по што ќе биде познато колкава ќе биде паузата надвор од терените – истакна Јурецки.
За очекување е тој да биде надвор од терените најмалку два месеци, што значи дека Јурецки дефинитивно ќе го пропушти и претстојното Светско Првенство што следниот месец ќе се одржи во Франција. Ова е уште еден во низата проблеми со кои се соочува полскиот селектор Талант Душебајев, откако Лијевски, Бјелецки и Шмал објавија крај на репрезентативните кариери, a десниот бек Михал Шиба заработи тешка повреда на тетивата поради која ќе отсуствува до крајот на сезонава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.