Орденот го доделуваме во знак на благодарност за сето постигнато во облагородувањето на нашата реалност и во поттикнувањето на нашата човечност. Во изминатите пет децении, од оваа значајна институција излегоа врвни музички имиња кои ја претставуваат Република Македонија на најпознатите светски музички сцени, истакна претседателот Ѓорге Иванов доделувајќи му го Орденот за заслуги за Македонија на Факултетот за музичка уметност по повод неговото полувековно постоење.
Истакна дека музичкото обрзование е важно во градењето здраво и хумано општество и дека тоа зависи не само од образовните институции, туку и од медиумите, концертите и фестивалите што се организираат, зависи од тоа каква музика се слуша во домовите и на веселбите, особено во последните години кога, за жал, како што рече, популарната музика се почесто е исполнета со тежок звук, шунд и евтини рефрени.
– Затоа, ккао институции и поединци треба особено да внимаваме со што ги образоваме нашите најмлади, што им нудиме на нашите граѓани. Мора да ја негуваме, да ја афирмираме и да ја почитуваме нашата музика. Богатството на нашиот музички фолклор и квалитетната музичка продукција не смеат да бидат само дел од архив и од историја, туку жива култура постојано присутна во нашето секојдневие… Уверен сум дека овој Орден ќе биде поттик за натамошно успешно развивање на музичкото образование и за афирмација на македонското музичко творештво и на македонските музичари, рече Иванов, посакувајќи му на ФМУ уште многу години посветена и успешна работа.
В.д. деканот на ФМУ Зоран Пехчевски рече дека се она што е Македонија во музичка смисла денес се должи на Факултетот за музичка уметност заблагодарувајќи им на сите што произлегле од факултетот – од наставниците во основните училишта до големите уметници што настапуваат во Метрополитен или Карнеги хол од кои, рече, светот дознава и учи за Македонија и нејзината богата култура и уметност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.