Изненадувачкиот лидер во Бундес-лигата, тимот на Лајпциг, размислува и за следни засилувања на својот состав, откако покажа дека може да биде конкурентен за највисок пласман. Раководството на овој клуб се надева дека ќе избори пласман во Лигата на шампионите, а прво големо засилување за следната сезона би требало да биде напаѓачот на Селтик, Муса Дембеле. Тој игра одлично во дресот на шкотскиот клуб, постигна неколку одлучувачки голови, дел од нив и во елитното европско клупско натпреварување.
Лајпциг е подготвен да се бори со богатите премиерлигаши за потписот на Муса Дембеле, чиј трансфер се проценува на околу 25 милиони евра. За него се заинтересирани и Ливерпул, Тотенхем и Арсенал, но германскиот клуб е подготвен да му го загарантира првотимскиот статус, нешто што е многу значајно со оглед на фактот дека станува збор за млад играч кој не сака да ја грее клупата.
Парите не се проблем за клубот чиј главен спонзор е компанијата „Ред бул“, па доколку Лајпциг тргне во тотална офанзива по Дембеле сумата од 25 милиони евра за отштета сигурно ќе биде обезбедена од страна на раководството на германскиот клуб.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.