| четврток, 6 декември 2018 |

МВР: Не е пронајдено ништо сомнително во возилото кај Амбасадата на САД

Министерството за внатрешни работи денеска потврди дека синоќа од американската амбасада во Скопје било пријавено дека има сомнително возило на паркингот на амбасадата.

Како што информираа од МВР за МИА, нивна екипа веднаш е пратена на терен при што е направена проверка на возилото, но не е најдено ништо сомнително. Возилото, како што велат од МВР, е земено на понатамошна проверка.

Амбасадата на САД во Скопје денеска потврди дека вчера вечер имало возило паркирано на улицата пред Амбасадата што предизвикало загриженост, поради што побарале интервенција од Министерството за внатрешни работи.

„Побаравме поддршка од Министерството за внатрешни работи и единици на Министерството реагираа соодветно. Возилото беше отстрането без инцидент. Ве упатуваме на МВР за какви било информации во врска со текот на истрагата“, се наведува во информацијата од амбасадата.

Воедно, се додава декa овој случај не е поврзан со проблемите што ги имаат со телефонските линии.

Вчера, Амбасадата на САД во Скопје објави на социјалните мрежи дека телефонските линии им се во прекин.

„Телефонските линии на амбасадата во моментот не се оперативни. Доколку ви е итно и имате потреба од помош, контактирајте го Оперативниот центaр на американскиот Стејт департмент на +1-202-647-1512“, наведува Амбасадата на САД на „Твитер“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top