| четврток, 6 декември 2018 |

Како да се преживее пад на авион – видување на експертите

tramp2
Ниедно место во авионот не е безбедно, а сите кои го преживеале падот едноставно имале среќа, вели Динко Водановиќ, експерт за сообраќајни несреќи и поранешен главен инспектор за воздухопловни несреќи во Хрватски.

Водановиќ истакнува дека во случајот со авионската несреќа во близина на градот Меделин во Колумбија, некои патници преживеале бидејќи теренот акумулирал дел од ударот. Авионот се распаднал, но очигледно е дека цела една секција од авионот излетала надвор, со седиштата.
Тоа спасило неколку патници, бидејќи го ублажило смртоносниот удар на кој, за жал, биле изложени сите останати патници.

-Обично сите мислат дека е побезбедно да се седи во близина на опашката, но тоа не е точно. Да се сетиме на слетувањето на “Боингот 777” во Сан Франциско во 2013. година, кој удри со опашката во пистата и загинаа токму патниците кои седеле блиску до опашката. По сите години работа за безбедноста, можам дека кажам дека преживување на пад на авион е исклучиво работа на среќа- додава Водановиќ.
Но, вели, треба да се има на ум дека во воздухопловството навистина се води сметка за безбедноста на патниците. Од сите превозни средства, додава тој, токму во авионите најмногу внимание е посветено на безбедно патување. Константно се вршат технички надзори над авионите каде се контролира работата на системите, но и исправноста на деловите. При секое влегување на патниците во авионот, механичарите и персоналот вршат преглед, и тоа во секој дел на авионот, пренесува Јутарњи.хр.

Покрај тоа, редовно, на секои два до три дена, зависно од тоа колку долго лета авионот, се спроведуваат неколкучасовни проверки за работата на сите системи.
-Се следат нови трендови и развојот на технологијата, па сето тоа се применува во изградбата на авионите. Повеќе не се користи челик, туку други материјали кои подобро ги поднесуваат оптоварувањата и турбуленциите. Патниците тоа можеби не го знаат и не го забележуваат, но експертите секој ден даваат сè од себе за патувањата да минат безгрижно. Секој ден, илјадници и илјадници летови минуваат нормално. Но, за жал, кога ќе се случи несреќа, сите почнуваат да се прашуваат дали е авионскиот превоз безбеден – вели тој.

Објаснува како на ниво на Европа постои систем за известување за потенцијално проблематични ситуации кои се случуваат со авионите. Од ситници, кои никако не може да го загрозат летот, преку ситуации поради кои авионите се враќаат на аеродромите, па до сериозни проблеми. Податоците служат за контрола – ако некој проблем се повторува на одредено место, на истиот пилот, или на некој тип на авион, се отвара постапка.
-Мора да се утврди зошто доаѓа до проблемот кој се повторува и истиот да се реши. Тоа што е денес ситница, може да стане сериозен проблем, и поради тоа толку внимание се посветува и на најмали детали – заклучува Водановиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top