Драстичниот пад на вредноста на турската лира во однос на американскиот долар ја става Турција на претседателот Реџеп Тајип Ердоган пред најсериозниот економски предизвик по финансиската криза од 2001 година, пишува „Економик Тајмс“
Причините за ваквиот пад истовремено се и конјуктурни и структурни.
На 10 август, кој економистите веќе го нарекоа „црн петок“, турската лира загуби речиси 16 проценти од својата вредност во однос на доларот. Ваквиот пад беше поттикнат од твитот на Доналд Трамп со кој најави воведување на увозни царини за турскиот челик и алуминиум.
Ердоган во понеделникот се обиде да ги смири пазарите изјавувајќи дека основите на турската економија се „здрави“.
Но, економистите сметаат дека причините за проблемите на Турција, која е 17 светска економска сила и која бележи силен раст, треба да се бараат надвор од економските политики на Владата.
Кризата со САД
На почетокот на август САД воведоа санкции кон двајца министри на Ердоган, како реакција на приведувањето на американскиот пастор Ендрју Брансон во Турција. Анкара на тоа одговори со соодветни мерки.
Таа криза меѓу двете значајни земји членки на НАТО, која е најсериозна за изминативе над 40 години, ги вознемири инвеститорите и предизвика пад на вредноста на лирата во однос на доларот.
Твитот на Трамп за зголемување на царините од минатиот петок, само дополнително ја искомпликува состојбата.
„Кепитал Економик“ проценува дека американските санкции „го пресушуваат потокот на капитал“ кон Турција.
Структурни проблеми
Дури и пред кризата со САД економистите предупредуваа за непосредна закана од финансиска бура. Всушност за да ја „претрка“, Ердоган во јуни организираше избори, кои редовно требаше да се оддржат во 2019 година.
На овие избори турскиот претседател беше убедливо реизбран за нов петгодишен мандат, но овој пат со зголемени надлежности.
– Тензиите меѓу Анкара и Вашингтон само ја поттикнаа економската криза што се надѕираше, смета директорот на Институтот за турски студии при Универзитетот во Стокхолм, Пол Т. Левин.
Структурните проблеми на Турција ги илустрира и високата стапка на инфлација која достигна речиси 16 проценти на годишно ниво во текот на јули, како и дефицитот на буџетот, кој не престанува да се зголемува.
Неортодоксна политика
Голем дел од својата популарност по доаѓањето на власт во 2003 година Ердоган ја градеше врз силниот економски раст и значајните инфраструктурни проекти што ја променија земјата.
Економистите го опишуваат турскиот претседател како приврзаник на „раст по секоја цена“. Но, сето тоа доведе до големо задолжување.
Ердоган редовно предизвикуваше зачудување промовирајќи тези што и противречат на класичната економска мисла. Тој на пример тврди дека намалувањето на каматните стапки придонесува за пад на инфлацијата, додека повеќето економисти го сметаат спротивното.
– Веќе извесен период беше видливо дека лошото економско управување на крајот ќе има последици, истакнува Левин.
Каматни стапки
Централната банка на Турција инсистира на тоа дека е независна институција, но многу економисти сметаат дека таа се повеќе е под притисок на Ердоган.
Нејзината одлука од минатиот месец да не ги зголеми каматните стапки во услови на драстичен раст на инфлацијата ги урна пазарите.
Банката во понеделникот објави серија мерки чија цел беше смирување на инвеститорите. Тие мерки опфаќаат инструменти за одржување на ликвидноста, но банката воопшто не ги спомена каматите.
– Мерките кои се однесуваат на ликвидноста не го решаваат основниот проблем, односно падот на вредноста на лирата, оценува аналитичарот на „Еј-Ди-Ес Секјуритис“, Константинос Антис.
Економски тим
Изборите во јуни ги одбележа промена на политичкиот систем во Турција. Државата премина кон хиперпретседателски систем на управување, со што во рацете на шефот на државата се сконцентрираа сите извршни надлежности.
Ердоган во својата Влада не го задржа вицепремиерот Мехмед Шимшек, кој важеше за човек кого го почитуваат и ценат бизнисмените.
Покрај тоа, Ердоган раководењето со економијата му го препушти на својот неискусен зет Берат Албајрак, кого го именува за министер за финансии и економија. Неговото именување беше проследено со пад на вредноста на лирата.
– Без никаков сомнеж отсуството на брз, цврст и рационален одговор од страна на турските власти резултираше со длабок пад на вредноста на лирата, заклучува Левин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.