
Колумнист: Горан Момироски
Последните случувања со кражбите на икони од македонските православни храмови повторно, по кој знае кој пат, ја исфрлија на виделина сета безидејност и неорганизираност на Македонската православна црква, поточно на членовите на Светиот синод на МПЦ-ОА.
Иако со векови била темел на кој се градел супстратот на чија основа е формирана македонската нација, црквата сѐ повеќе се претвора во бирократско–паразитски механизам кој живее и функционира, пред сѐ, за себе, а не за верниците. Со години заштитувана како милениче на секоја власт, МПЦ–ОА во последниве години прерасна во институција што се интересира за пари и материјални вредности наместо да се занимава со ширење на духовните вредности.
Се разбира, не е сѐ така црно во МПЦ-ОА. Таму, бездруго, има извонредни духовници, интелектуалци, аскети кои сиот свој живот го посветиле на верата и на обновување и помагање на разнишаниот, од многу премрежиња, национален дух. Случајно или не, најголем дел од тие луѓе во моментов не се меѓу тие што го имаат најсилниот збор при решавање на стратегиските прашања со кои се соочува Македонската православна црква.
Неверојатно е што речиси целото присуство во јавноста, освен настапите на големите празници, на членовите на Светиот синод на МПЦ е поврзано со случаи кои имаат врска со пари, имоти, инвестиции, сметки, изнајмување хотели и слични афери кои ни оддалеку не би требало да бидат дел од сликата за оваа верска организација. И притоа речиси никогаш не слушнавме објаснување од одговорните во Синодот за сите афери со кои се поврзува црквата.
Слично се случи и деновиве кога наместо да излезе и отворено да каже што планира да преземе за да го спречи крадење икони од иконостасите во стотици нејзини храмови, МПЦ-ОА преку соопштение на нејзиниот портпарол, владиката Тимотеј, се одлучи да се пресметува со авторот на колумната во „Република“ обвинувајќи дека апелот да се стори нешто и да се запре духовната катастрофа бил тенденциозен и злонамерен. Исто како Паско Кузман, кој обвинува дека новинари што не ги знаат законите и надлежностите на институциите немаат право да пишуваат за болката на сите православни верници. За да се „обезбеди“ целосно од грижата на совест, владиката Тимотеј најде уште еден кривец. Според неговата реакција, индиректно за кражбата на икони ги обвинува членовите на црковниот одбор во селото Лазарополе, кои ја одбиле неговата понуда за обезбедување на црквата.
Се разбира, владиката молчи за другите села, како, на пример, Долно Мелничани, кое никогаш не го посетил, дури ни пред неколку години кога можеше да падне долниот ѕид на црквата, која е обновена пред повеќе од 130 години. Тимотеј молчи и зошто го одбил предлогот на охридската полиција на вратите на сите загрозени цркви во кои има вредни артефакти да се стават челични шини кои ќе ја отежнат целта на крадците. Тогаш тој изјавил дека неговата епархија нема пари за таква операција.
Како и Тимотеј, молчи и Паско Кузман, кој бил дел од работната група што пред четири години го одбила предлогот на невладината организација „Син штит“ за заштита на црквите. Притоа, во реакцијата на овие двајца Македонија се посрамоти признавајќи дека нема механизам со кој може да се реши овој криминален тренд.
Замислете какво срамно решение понуди Паско Кузман, а МПЦ го прифати без никаква замерка. Иконите кои со векови биле дел од верските храмови сега насила или со согласност се тргаат од иконостасите, нешто што се случувало само во пожар или во војна, и тоа привремено. МПЦ-ОА со тоа призна дека се повлекува од вековното присуство во голем број села во западна Македонија, меѓу тие локации и од Лазарополе, каде што пред две години на Илинден поглаварот Стефан, наместо по свечената литургија да се поздрави со верниците, од задната врата на црквата со својот „мерцедес“ го напушти селото, кое деновиве беше на удар на крадците.
Авторот на овие редови наивно, со години очекуваше дека МПЦ-ОА, заради себе, но пред сѐ заради своите верници од чии пари, во крајна линија, и живее, ќе покаже доблест и наместо да ужива во животот, ќе се симне меѓу својата паства. За жал, тоа не се случи и, најверојатно, нема да се случи. Очигледно е дека најголемиот дел од владиците што ја водат главната игра во креирањето на политиката на МПЦ немаат сила да се соочат со вистината. Да разберат дека верниците што го даваат и последното денарче за крштевка, не дај боже, погреб или за осветување на домот, од нив очекуваат лидери, очекуваат духовно водство, кое не може да се случи сѐ додека нивниот приоритет има и лукративна, а сѐ помалку духовна природа.
Тоа, пак, што не се појавува во медиумите е најмалку двојно полошо. Бизнис-релации, инвестиции во недвижен имот, купување акции, блиски релации со припаднички на женскиот пол и, се разбира, вообичаената причина за гнев кај секој просечен верник. Скапите автомобили што ги возат владиците веќе се доживуваат како нормално однесување.
Од ова, секако, мора да се исклучи пониското свештенство кое се вози во крнтии по македонските беспаќа, додека нивните надредени уживаат во кожа и во стотици коњски сили, а притоа ретко или никогаш не патуваат по планински патишта за каде што, навистина, се потребни џипови.
Кај голем дел од владиците, се разбира, постои и вистински аскетизам, духовни квалитети и можеби тие не сакаат да зборуваат за своите квалитети, но речиси е неверојатно дека на прстите од едната рака може да се набројат свештениците што седат во Синодот, а за кои познавачите можат да кажат дека се луѓе на место, со сите нишани. Да ми простат, ама тешко е да се поверува дека народот греши дури и кога има негативен став за нив.
Ниедна болница, ниедна хуманитарна акција, ретки обиди за помош на многудетни или социјално загрозени семејства, само мал број проекти во кои се врши едукација на деца и на возрасни верници. И молк. Молк за најголемата кражба во македонската историја. Кражба што не се случила ниту во турско ниту во каурско.
Се разбира, владиците и архиепископот се избрани до гроба и смешно ќе биде да се бара некои од нив да си заминат. Особено сега кога им тргна на сите полиња, освен на духовното. Но, ако се доволно свесни што им се случува, и на нив и на сите нас што се сметаме за верници, треба да размислат и да сторат нешто додека сѐ уште има време. Мора да станат свесни дека со своето поведение, ако не променат нешто во своето размислување и однесување, нема да ја загрозат само својата иднина како почитувани од верниците, туку ќе направат и непоправлива штета за многу идни генерации. Пред да стане предоцна за сѐ.
Владика американско-канадски Методиј:
Одговорноста е во нас
Како да се врати блискоста меѓу православниот народ и црквата. Постои едно мислење, кое е сѐ поприсутно, дека црквата сѐ повеќе се оддалечува од верниците?
– Најважно од сѐ е црквата да остане црква, односно да им одолее на сите обиди за секуларизација и за профанирање на црквата. Она што треба да го направиме е вистинска духовна мисија за која секој православен Македонец е жеден. И ако навистина постапуваме така, а тоа е законот на слободата за која зборува евангелието, мислам дека ќе имаме успех и црквата ќе просперира.Колкава е одговорноста на највисокото свештенство во спроведувањето на овие принципи?
– Владиците и свештениците, значи оние што треба да го учат народот, се учители пар екселанс. Во таа смисла нивната одговорност е најголема.Прават ли доволно?
– Јас можам да кажам за себе, другите сами ќе говорат за себе. Се трудам, а Господ Бог е сведок колку е вистина дека правиме сѐ што треба.
(објавено во 35. број на неделникот „Република“, 3.05.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




