Оваа година во Македонија се регистрирани нови 37 случаи со ХИВ-инфекција од кои двајца починале, изјави Звонко Миленковиќ, национален координатор за ХИВ/СИДА, во пресрет на 1 Декември, Светскиот ден за борба против оваа болест.
Од новите случаи, една третина се на возраст под 30 години, една половина се на возраст од 30 до 40 години, а има и на возраст над 40 години (21 процент). Од 37 новорегистрирани, само три се жени, а останатите 34 се од машки пол.
– Секој барем еднаш треба да се тестира – рече Миленковиќ.
Тој изјави дека годинава отпочнуваат со најнови генерации лекови вклучително и оние што влијаат на дел од овој патогенетски циклус. На Клиниката се следат 185 лица.
– Покриеноста со антиретровирусна терапија е 87 проценти, која е значително повисока од онаа на глобално ниво која изнесува околу 46 проценти. Ја обезбедуваме најефикасната терапија на глобално ниво. Применуваме сериозни стратегиски активности за надминување на ситуацијата со ХИВ-инфекција – рече Миленковиќ,
Невладините организации бараат да се зголеми буџетот за програмите за превенција и лекување на ХИВ.
– Доколку се воспостават стабилни механизми за финансирање на програмата за ХИВ, во Македонија можат да се спречат 860 нови инфекции и 290 смртни случаи до 2030 година – рече Андреј Сених од Платформата за одржливост на програмата за ХИВ на денешната прес-конференција.
– За оваа програма во моментов се издвоени 27 милиони денари од буџетот за 2017 година. Но и самото Министерство за здравство пресмета дека се потребни 65 милиони денари за терапија за една година и за превенција во првите шест месеци од годината – рече Сених.
Според него, недостигот на пари негативно ќе се одрази на сите превентивни мерки што се преземаат за ризичните групи, како што се бесплатното и анонимно ХИВ-тестирање, набавка на кондоми, игли и слично.
Во 2015 година беа регистрирани 32 случаи со ХИВ-инфекција, а во 2014 година беа регистрирани 45 случаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.