Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска денеска ја отвори третата работилница „Дигит 2016“ на тема: „Digit Web – Community Websites“. Организатор е Студентскиот парламент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ.
На претходните работилници се диксутирало за 3Д моделирање и графички дизајн, а на годинашниов Дигит ќе се изработуваат Community WEB страни. Како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација, Арсовска Томовска истакнала дека ги поддржува ваквите настани, организирани од студентите и нивните здруженија затоа што тие обезбедуваат надградба и апликативна примена на нивните знаења, директна комуникација со нивните идни работодавачи и развој на деловна култура и претприемачки дух.
Продеканот на ФИНКИ за наука и соработка Боро Јакимовски им порачал на студентите дека треба да ја искористат оваа можност за да научат многу повеќе и тоа надвор од училишните клупи и да бидат во тек со новите технологии, а во исто време да развијат тимски и натпреварувачки дух.
Работилницата почна денеска и ќе трае пет дена, а обучувачи ќе бидат професори од ФИНКИ и експерти од ИТкомпаниите. Ќе учествуваат 33 студенти од техничкиот кампус, со акцент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Студентите стекнатите знаења и вештини од формалното образование ќе ги надградат и применат во развој на веб страни, од кои најиновативните и најкреативните ќе бидат наградени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.