На сенародниот собир во Скопје, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ им се обрати и на членовите и поддржувачи на СДСМ.
– Знам дека имаме огромни разлики, знам дека можеби и кај некој од вас има огромна омраза кон нас, и обратно, кај нашите членови кон вас и вашето раководство. Тоа не е добро. И сите ние имаме своја одговорност во тоа. Јас ќе се трудам во идниот период по изборите, да го намалам јазот помеѓу Македонците, помеѓу граѓаните на Македонија, и поделеноста по партиска линија. Но, сакам да ви се обратам денес лично и директно.
Ве молам размислете добро што и кого поддржувате. Меѓу членовите на СДСМ има искрени луѓе и патриоти кои си ја сакаат сопствената држава, ние го знаеме тоа. Многу од вас имате традиција на поддржување на СДСМ, но знам дека не ви е и вам пријатно кога го слушате сегашниот претседател на СДСМ, како ги распродава националните интереси, и не го поддржувате во неговите намери. Знам дека ви е сосема јасен неговиот план, и целото ова сценарио на кое овие две години е жртва сиот наш народ, вклучително и вие. Сакам да апелирам до вас, ве молам добро размислете за кого ќе го дадете вашиот глас, направете разлика, и на овие избори, помеѓу Заев и Македонија, одберете ја Македонија. Суверена, самостојна, за која се бореле и Вашите предци, и за која и Вашите предци, заедно со нашите знаеле да се обединат кога ќе виделе некоја закана за државата. Ние ќе ги подобриме некои наши слабости во наредниот период, и можете да сметате на нас, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
Груевски од бината порача дека докажале дека не оставаат никого, и дека знаат да ги отворат вратите за сите, дури и за оние кои им биле жестоки не истомисленици. Помирување мора да дојде, а што ако не интересот на Македонија треба да биде столбот околу кој ќе се обединиме сите, рече Груевски.
– Сакам да ви потенцирам на сите вас граѓани на Македонија, Има не 101 туку повеќе од 1001 причина зошто да не гласате за опозицијата, но ние не ве труеме со таква негативна кампања, нивната омраза и деструкција говори за нив, ние ви даваме над 500 страници полни со причини во нашата програма зошто да гласате за нас. Ние нудиме огромен број на реални проекти и мерки, рече Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.