Вечерва Металург ја запиша својата втора победа во низа во рамки на Лигата на шампиони и му се одмазди на Татран Прешов за високиот пораз на гости во второто коло. Избраниците на Лино Червар дефинитивно го имаат решението за словенечкиот клуб кој не моеже да се носи со расположените Талески и Арсиќ. Со звукот на сирената на крајот на првото полувреме младиот капитен му донесе минимално водство на Металург (11-10) кое до крајот порасна на конечни 26-20.
Хендикеп на самиот старт беше и повредата на младиот Филип Кузмановски кој отпадна од комбинација по само еден напад. Додека „металурзите“ се мачеа да го најдат решението за одбраната на Рабек и Садови, Татран Прешов веќе имаше водство од 0-3. Дури по десет минути игра Талески успеа да намали на 1-3 и го најави пресвртот кој го направи македонскиот вицешампион во наредните седум минути. ГУглета влезе во ритам и со три постигнати голови донесе изедначување (5-5) и го присили Тртик да повика тајмаут. Продолжи изедначена игра на двете страни. Грешките на играчите по надворешните линии Металург не знаеше да ги казни, но за среќа на македонскиот клуб влезе и Дарко Арсиќ на голот во ритам. Голманот одлично ги одбрани нападите на словенечкиот клуб, а Талески конечно му го донесе првото водство на Металург во 21. минута од натпреварот. До крајот на првиот дел Рабек, Хрстка и Крок успеаја да изедначат, но капитенот на македонскиот клуб со звукот на сирената реализира за 11-10 на паузата.
На почетокот на вториот дел одбраната на Металург беше еден од главните фактори за крајниот исход. Блоковите поставени пред Арсиќ беа непробојни за гостинските ракометари додека Талески, Илиќ и двапати Обрадовиќ му донесоа водство од 15-10 на македонскиот вицепрвак. По осум минути штама, гостинот успеа да ја надмудри одбраната постигнувајќи четири погодоци наспроти само еден на домашниот состав за доближување на само два гола негатива (16-14). Предноста од два гола ја одржуваа домаќините и со игра со ’седум во напад’ што претходно Червар нагласи дека е проблем за неговите избраници. Дванаесеттата одбрана на Арсиќ му овозможи нов напад на Металург кој успешно го заврши Филип Талески со својот деветти гол за четири гола предност (20-16). Во преостанатиот дел од натпреварот, Татран Прешов остана без идеја во нападот. Чуприна не можеше да ги одбрани проектилите на Гуглета и Талески, а негативата од шест голови (23-17) сепак беше недостижна со четири минути преостанати до крајот.
Младиот капитен на Металург беше најефикасен со десет постигнати погодоци, Гуглета постигна пет додека еден помалку забележа Обрадовиќ. Арсиќ одбрани 14 напади кон својот гол. За Татран, најефикасен беше Рабек со шест погодоци, два постигна и голманот Чуприна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.