| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО ДПМНЕ: СДСМ нема никаква конкретна програма, кокетира со двојазичноста и редефинирањето на државата

Според ВМРО ДПМНЕ тоа е главната инспирација на Зоран Заев за враќање на животот. Ултрадесничарското движење Двери на минатите избори излезе со централното мото „Да го вратиме животот во свои раце“

Освен пазарењето со највисоките национални интереси како обид да се придобијат гласовите на етничките албанци, СДСМ нема никаква конкретна програма и проекти со кои ја бара поддршката од граѓаните, реагира владејачката партија ВМРО ДПМНЕ во соопштението упатено до медиумите.

Според ВМРО ДПМНЕ единствената карта на која игра СДСМ се официјализирањето на албанскиот јазик како втор државен и редефинирањето на Република Македонија.

„СДСМ не научи дека не смее да го потценува народот и дека со лаги и манипулации не се добиваат избори. Како и на сите претходни избори, СДСМ повторно излезе со памфлет во кој нудат се и сешто само за да добијат некој глас повеќе и да се спасат од катастрофалниот пораз. Овие избори, безидејниот Заев, отиде и чекор понатаму крадејќи го главното мото на неговиот памфлет од мотото на српското ултрадесничарско движење Двери“ се вели во соопштението на владејачката партија.

Според ВМРО ДПМНЕ тоа е главната инспирација на Зоран Заев за враќање на животот. Ултрадесничарското движење Двери на минатите избори излезе со централното мото „Да го вратиме животот во свои раце“.

„Српските ултрадесничари излегоа со ветување за реформа во изборниот законик. Исто како Заев. Српските ултрадесничари најавија преиспитување на функцинирањето на новите правосудни професии како нотари и извршители. Исто како Заев. Српските ултрадесничари најавија зголемување на даноците. Исто како што најави и Заев. Истите флоскули кои ги користат Двери ги користи и СДСМ. „Нема живот без слобода“, „Да ја вратиме државата на народот“, „Мора да се исполни правдата во Србија“ се дел од слоганите што ги слушаме од Заев низ Македонија, а што претходно ги слушаа и граѓаните во Србија“ се вели во соопштението.

ВМРО ДПМНЕ во соопштението објаснува дека единствените интервенции во однос на понудата на ултрадесната Двери се чини дека е онаму каде што Заев проценил дека може да добие некој глас повеќе. Двери се залагаат за забрана на промоција на хомосексуалноста на малолетни лица и за борба против антисемејната идеологија. Оваа тема е сосема изоставена во памфлетот на СДСМ со оглед на кокетирањето на партијата со ЛГБТ популацијата.

„За разлика од Двери кои се залагаат за засилување на безбедносните сили, Заев во програмата на СДСМ ветува формирање на локални полиции во Арачиново, Тетово, Гостивар…

Ваквиот начин на кој што СДСМ ги третира македонските граѓани обидувајќи се да ги измами и да им поттури нешто што е веќе отфрлено како платформа во Србија е ново потценување на народот. Ние сме сигурни дека ова потценување ќе им се удри од глава и дека народот на 11-ти декември ќе го даде својот глас за конкретна и реална програма и проекти кои со сигурност се остваруваат и кои ќе значат подобра иднина за сите“ се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top