| четврток, 6 декември 2018 |

Додовска: Народот нема да гласа за самоуништување

Резултатите од двегодишната политичка криза направија извесна штета врз рејтингот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер, Никола Груевски, чиј што статус во моментов има незабележителен пад, додека истата речиси воопшто не се одрази во позитивна смисла врз кревањето на рејтингот на опозициската СДСМ, која заедно со својот лидер, Зоран Заев, немаат никакво посебно поместување од претходно направените анкети. Ако ги земеме овие бројки условно и со оглед на фактот што истите прават простор за маргинална грешка од плус или минус 3,1%, можеме слободно да констатираме дека истите повторно ја најавуваат парламентарната победа на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која и по десет годишно владеење и со големиот број на удари во изминатиов период, се уште цврсто стои на врвот, смета универзитетската професорка од Правниот факултет Иванка Додовска.

Таа ги анализиара факторите кои доведуваат до незначителен пад на рејтингот на владејачката партија и на нејзиниот лидер во споредба со претходно објавени анкети на „Брима галуп“ и констатира дека заминувањето од премиерската функција, серијата на клевети кои беа упатени кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како и сеопштата општествено-политичка криза која ја генерираше опозицијата, изврши влијание врз дел од неговите симпатизери и дел од неговите поддржувачи, но сепак не успеа да го промени ставот кај членството и кај огромниот број граѓани кои изминативе десетина година застанаа зад неговите проактивни политики.

Она што е особено значајно и од аспект на социјалната инклузија и од аспект на развојот на либералното македонско општество е генерирано во процентите кои ја прикажуваат неатрактивноста на политиките на опозицијата, особено нискиот рејтинг на лидерот Заев и недовербата кај македонските граѓани кои не загризаа на понудите од страна на левиот блок. И овде причините за тоа ги пронаоѓаме на повеќе нивоа и тоа: од недовербата кај граѓаните кон мотивите кои ја движат опозициската СДСМ и нејзината коалиција за освојување на власта, понатаму, се уште свежите сеќавања од реваншизмот и клиентелизмот кој ги одбележа сите етапи од власта на СДСМ во минатото, па се до механизмите на спроведување на своеволие кое не ги тангира само личните судбини на македонските граѓани кои не ја поддржуваат опозицијата, туку и од стравот за спремноста на овој блок и неговото лидерство за промена на унитарниот карактер на државата, промената на уставното име и на раслојувањето на темелните вредности врз кои почива самобитноста и самостојноста на Република Македонија. Во овој поглед, кај најголемиот број од граѓаните, а пред се кај македонскиот народ, без оглед на тоа на која политичка идеологија ѝ припаѓаат, недвојбено е одразен ставот за зачувувањето на македонскиот национален идентитет и истите без оглед на случувањата, и на личен и на општествено-политички план немаат расположение да поддржат политики кои ќе им ги одземат овие вредности.

Додовска е убедена дека и неопределените гласачи, кои иако во изминатиов период не успеале да ги реализираат своите очекувања или можеби пројавиле незадоволство од одредени политики на владејачката коалиција, не се пронаоѓаат во понудата на опозицијата и длабоко се резигнирани и неодлучни во поглед на конечниот исход од претстојните избори.

Според анкетата неопределени се најголемиот процент испитаници, околу 42/43% од гласачкото тело, а тие, вели Додовска, ќе ја донесат и одлуката за тоа кој ќе ја освои власта во Република Македонија.

Овие проценти не се воопшто наивни и истите претставуваат одраз на голем број на фактори и од надворешен, но и од внатрешен план, и кои треба сериозно да ги замислат политичките елити за начинот и за средствата кои ќе ги употребат со цел да ги приклонат истите кон едната или кон другата опција.

Во поглед на албанскиот блок, евидентно е дека електоратот со етничко албанско потекло е прилично дисперзиран во неколку политички партии, од кои според процентите од анкетата, владејачката ДУИ покажува дека во изминатиов период има изгубено дел од своето гласачко тело, кое се приклонува кон поновите политички ентитети кои се занимаваат со прашањата на албанското малцинство, а од неодамна сериозен претендент за албанските гласови се истакна и опозициската СДСМ која исто така ја доведе во прашање екслузивноста на албанскиот фактор во носењето на одлучувачките решенија поврзани со албанското прашање.

Вака поставената општествено-политичка реалност во Република Македонија ги прави овие предвремени парламентарни избори особено значајни и истата влијае на идните преспективи кои ги засегаат македонските граѓани во наредниот период, завршува професорката Додовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top