| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски тим во финалето на „Биг дил“ настанот

Македонскиот тим составен од  Александра Костеска, Христина Бачовска, Маја Вељанова, Азра Еминовиќ и Моника Здравкова, студенти на Правниот факултет Јустинијан Први од Скопје, учествуваше во финалето на „„Биг дил“ натпреварот заедно со шест тима од правните факултети од земји во регионот.

Во денешниот завршен дел, според оценките на експертското жири составено од адвокати и правни експерти од Регионалната мрежа на водечки адвокатски друштва TLA-Top Tier Legal Adriatic, во финалето беше подобар тимот од Правниот факултет од Љубљана, а согласно правилата на натпреварот, победничкиот тим добива тримесечна работна пракса во некоја од канцелариите на членки на TLA.

Меѓународниот натпревар за студенти по правни науки, наречен „Биг Дил„ („Big Deal“) 2016 година се одржа во Македонија, во текот на вчерашниот и денешениот ден, во две натпреварувачки сесии. Натпреварот на студентски тимови по право е во организација на Регионалната мрежа на водечки адвокатски друштва – ТЛА, а домаќин во нашата земја беше првото Адвокатско друштво кај нас, Дебарлиев, Дамески, Ќелешоска – ДДК.

Емилија Ќелешоска Шољаковска, еден од основачите и партнер во Адвокатското друштво ДДК,  истакна дека на натпреварот студентите можеа да ги збогатат и да ги презентираат своите знаења од повеќе области на правото. Додаде дека се работи на симулација на анализа на документи и правни прашања кои треба да се одговорат, односно проблеми кои што треба да се решат пред да се случи преземањето на соодветното фиктивно трговско друштво. Студентите можеа да разменат искуство со своите колеги студенти од регионот.

„Биг дил“ е настан од компетитивен карактер, каде што преку практичен пример студентски тимови креираат решенија за реални ситуации од деловниот свет, а се оценувани од страна на правни експерти. Годинава, на скопскиот „Биг дил“ настан учествуваа вкупно шест тимови од студенти од правните факултети од Македонија, Србија, Хрватска и од Словенија, односно, два тима од Скопје, еден тим од Белград, еден тим од Крагуевац и по еден тим од Загреб и од Љубљана. Натпреварувачкиот дел се одржа, во просториите на Адвокатското друштво ДДК.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top