| четврток, 6 декември 2018 |

Фељтон: Црните страници на УДБА – Следењето, обработката и обидите за растурање на ВМРО-ДПМНЕ (Том VIII)

„Црните страници на УДБА“ е сведоштво за едно време, бурно време. Период во кој била супресирана каква било мисла што излегувала надвор од „дозволеното“ мислење на номенклатурата на власт. Дали се работело за политичко несогласување на лево, или за тоа како се практикувала тогашната идеологија на КПЈ или, многу почесто за чиста македонска промисла, сеедно, сите биле цел. И најголем дел од нив имале формирани досиеја од тајната југословенска/македонска полиција. Од тие досиеја подоцна се ваделе материјали за прогон, кој завршувал со политичка, а често и со физичка ликвидација. Воопшто не било благопријатно да се биде неистомисленик

На 1375 страници во два дела е поместен томот VIII „Следењето, обработката и обидите за растурање на ВМРО-ДПМНЕ“ и опфаќа 29 лични досиеја, досието „Темел“ – псевдонимот на партијата ВМРО-ДПМНЕ и избор на документи.

Атанас Алексовски, со псевдоним Јаблан, роден во 1956 година во с. Јаболце, Скопје, со средно образование, вработен во ОХИС, погон „Билјана“. Следен поради потврдени сознанија дека подолг временски период дејствувал од позиции на македонски екстремизам, врховизам и верска омраза. Се ангажирал околу формирање таканаречена револуционерна политичка партија – ВМРО – обединета.

Ѓорѓи Атанасов, со псевдоним Орев, роден 1948 година во Радовиш. Работи како платен секретар на ловното друштво. Се јавува како припадник на следниве категории: тероризам и македонски екстремен национализам. Непријателска дејност манифестирана со екстремни и терористички акции, заплашување и притисоци поврзани со изборите од 1994 година.

arhiv221-dosieto-temel_page_063-copy

arhiv221-dosieto-temel_page_064-copy

arhiv221-dosieto-temel_page_065-copy

Блаже Цонев, со псевдоним Пирин, роден во 1960 година во с. Црн Камен – Виница. Има завршено високо образование – Факултет за ОНО, невработен. Основа за заведување во ДБК биле добиените безбедно-интересни сознанија за негово противуставно дејствување во правец на поддржување, глорификување и величење на ликот и на делото на Ванчо Михајлов.

Блажо Стојаноски, со псевдоним Деструктивец, роден 1950 година во с. Големо Радобил. Стечаен работник на ТИ „Билјана“ од Прилеп, инаку член на претседателството на Унијата на независни синдикати и претседател на здружението на земјоделци и на стечајни работници од Прилеп. Блажо Стојаноски бил заведен за следење, документирање, откривање поради спречување екстремни и противуставни активности.

arhiv221-dosieto-temel_page_131-copy

arhiv221-dosieto-temel_page_132-copy

Марјанче Блажевски, со псевдоним Черноземски, роден во с. Живиње – Кумановско. Вработен во ПОС „Шумско стопанство“ – Куманово. Заведен во службата поради постоење основано сомнение за преземање противуставни активности од негова страна директно насочени кон насилна промена на уставниот поредок на РМ. Припадник на екстремна групација и раководител на парабезбедна структура.

Илчо Бојков, со псевдоним Агитатор, роден 1976 година во Скопје. Студент на Фармацевтскиот факултет во Софија, Бугарија. Следен поради противуставни активности од позиции на политички екстемизам.

arhiv221-dosieto-temel_page_138-copy

arhiv221-dosieto-temel_page_139-copy

arhiv221-dosieto-temel_page_140-copy

Борис Змејковски, роден 1956 година во Скопје – с. Горно Лисиче. Занимање возач на моторно возило во претпријатието „Вардар“. Се јавува како автор на пароли, летоци и на друго. Досие формирано во 1978 година. Линија на работа македонски национализам и шовинизам. Приведен и предупреден во 1979 година.

Горан Данаиловски, со псевдоним Волга, роден 1966 година во Скопје. Како припадник на екстремната групација македонски лавови учествувал во извршување на повеќе терористички акции во Холандија. Следен поради активности насочени кон насилно уривање на демократските институции на РМ.

Душан Димчев, со псевдоним Серта, роден во 1954 година во с. Гарван, Радовиш. Регистриран и следен поради дејствување од позиции на македонски екстремизам и врховизам.

Драшко Серафимовски, со псевдоним Новосел, роден 1951 година во с. Новосељане, Куманово. Вработен во ФЗЦ, „11 Октомври“ – Куманово. Следење поради активности насочени кон насилно загрозување или уривање на уставниот поредок на РМ. Главен организатор на активностите на една групација од Куманово.

Филип Петровски, со псевдоним Марта, роден во 1972 година во Куманово. Студент на Филозовскиот факултет во Скопје. Постојат основи за сомнение дека лицето Петровски Филип спроведува активности насочени кон насилно уривање или загрозување на уставниот поредок и безбедноста на РМ.

arhiv221-dosieto-temel_page_276-copy

arhiv221-dosieto-temel_page_277-copy

arhiv221-dosieto-temel_page_278-copy

Иван Соколов, со псевдоним Кенгур, роден во 1961 година во Виница. Се јавува како припадник на следниве категории: македонски екстремен националист. Во 1978 година емигрира во Австралија . Во Македонија се враќа во 1989 година, кога почнува со истапи од националистички и шовинистички позиции. Како член на ВМРО е задолжен за контакти со иселеништвото во Австралија. Исто така, тој е еден од раководителите на КСИО.

Илија Стомнароски, со псевдоним Стоил, роден во 1937 година во Прилеп. Вработен во медицински центар Прилеп. Заведен во службата поради постоење основано сомнение за преземање противуставни активности од негова страна кон промена на уставниот поредок на РМ.

Кирил Јовановски, со псевдоним Малиша, роден 1957 година во Прилеп. Вработен како помошник продавач во РО „Центропромет“ во Прилеп. Заведен во службата поради противуставни активности од негова страна кон промена на уставниот поредок и безбедност на РМ.

Добре Мијалов, со псевдоним Пролет, роден во 1964 година, во Радовиш. Работи како ловочувар, се јавува како припадник македонски екстремизам и екстремно дејствување во земјата. Заедно со свои истомисленици заговара и презема екстремни и терористички акции. Врши притисоци со цел предизвикување страв кај граѓаните пред изборите во 1994 година

Димитар Црномаров со псевдоним „Пандан“, роден во1952 година во Битола. Линии на работа, македонски екстремен национализам и разузнавачка служба на Бугарија. Манифестирал непријателска дејност, одржувал интензивни контакти со ВМРО-СМД, како и со најекстремните припадници на ВМ друштвото на Тодор Александров од Белгија. И со ВМ-организацијата МПО во САД, Канада и во Бразил. Во 1983 година се обидел да оформи екстремистичка организација, по што бил заведен со псевдоним Црни. Бил член на ВМРО, но спроведувал вонпрограмски активности на оваа партија.

Милчо Петров, со псевдоним Ковач, роден во 1956 година во Радовиш. По занимање лекар, се јавува како припадник македонски екстремизам и екстремно дејствување во земјата. Заедно со свои истомисленици заговара и презема екстремни и терористички акции. Застрашување и разни притисоци со цел предизвикување страв кај граѓаните пред изборите во 1994 година. За извршување на овие намери веќе имале набавено димни бомби а за извршување терористички акции и рачни бомби, 160 парчиња.

Мојсо Момировски, со псевдоним Дибек, роден во 1957 година во Прилеп. Сопственик на фирмата „Ани-мари“ во Прилеп. Заведен во службата поради противуставни активности од негова страна кон промена на уставниот поредок и безбедност на РМ.

Никола Шалев, со псевдоним Периш, роден во 1954 година во Свети Николе. Занимање, работник во промет со стока. Се јавува како припадник на македонски екстремизам. Регистриран е во повеќе истапи, посебно за изборите во 1994 година. За време на изборите имаше активности околу организирањето на личното обезбедување на партиски лидери во таканаречени „црвени беретки“.

Крсте Николоски, со псевдоним Автор, роден 1966 година во Прилеп. Вработен во ЈП „Комуналец“ – Прилеп. Следен поради документирање и откривање на неговата екстремна и противуставна активност.

Зоран Петрески, следен поради документирање и откривање на неговата екстремна и противуставна активност. Познат под псевдоним Магнум, роден во 1973 година во Скопје. Член на парабезбедносен апарат на една од опозициските партии, ангажиран е на план за проучување и за обезбедување членство, поттикнување национална омраза и нетрпеливост и предизвикување меѓунационални судири. Следен поради дестабилизирање на безбедносната состојба во РМ.

Предраг Димковски, со псевдоним Римјанин, роден во 1956 година во Скопје. Сопственик на приватно претпријатие во Куманово. Заведен и следен во службата поради противуставни активности од негова страна кон насилна промена на уставниот поредок и безбедност на РМ.

Славчо Стојменов, со псевдоним Поскок, роден во 1945 година во Струмица, с. Вељуса. По занимање шпедитер, се јавува како лице што организира пренесување оружје и друг диверзантски материјали, и лице што е под сомнение дека се подготвува да загрози одредени личности и објекти. Манифестирана е непријателска дејност, посебно вршење атентати.

arhiv221-dosieto-temel_page_279-copy

arhiv221-dosieto-temel_page_280-copy

Стеван Билјановски со псевдоним Близнак. Роден во 1950 година во Скопје. Вработен во сервис за електромотори. Заведен и следен во службата поради противуставни активности од негова страна кон насилна промена на уставниот поредок и безбедност на РМ. Член на КСИО на ВМРО подолг временски период, презема екстремни активности насочени кон загрозување на демократските институции утврдени со Уставот на РМ.

Стојан Постоловски, со псевдоним Лидер, роден во 1956 година во Македонска Каменица. Вработен како технички директор во ЈКП „Доминг“ од М. Каменица. Заведен како резултат на добиени безбедно-индикативни податоци и по сознанија за противуставно дејствување од позиции на политички екстремизам.

Ванчо Каранфиловски со псевдоним Пресека, роден во 1960 година во Кочани. По занимање правник, вработен во ЗЗ „Моша Пијаде“. Заведен во РУДБК врз основа на добиени безбедносно-индикативни податоци и сознанија за негово противуставно однесување насочено кон илегално организирање и формирање таканаречени „илегални тројки“ на подрачјето, чијашто цел била насилно уривање на демократските институции во РМ.

Владо Тренески, со псевдоним Филозоф. Роден во 1968 година во Охрид. Апсолвент на Електро-техничкиот факултет во Скопје, сопственик на приватна радиостаница Радио „АЗ“ – Охрид. Постојат основи за сомнение за спроведување активности насочени кон загрозување на демократските институции утврдени со Уставот на РМ.

Климент Огненов, со псевдоним Герман, роден во 1940 година во Охрид. По занимање економист, во ЈП „Водовод“. Постојат основи за сомнение дека Огненов спроведува активности насочени кон загрозување на демократските институции утврдени со Уставот на РМ. Истапува од позиции на Врховизам.

Круме Вељановски, со псевдоним Рудар. Роден во 1957 година во с. Турје – Охридско. По занимање машинобравар во РЕК „Осломеј“. Следење врз него е врз основа на добиени оперативни податоци дека истиот е во врска со повеќе безбедносно интересни лица, кои се занимаваат со организирање „заштитни комитети“, како и шверц на оружје.

 

Текстот е објавен во 221 број на неделникот „Република“, 25 ноември 2016 година

Во соработка со Државен архив на Република Македонија
Стручен консултант: Д-р Филип Петровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top