Намалување на цените на печки и котли на пелети и на пелетите за греење, пониски цени на ветеринарните услуги и изнајмување спортски објекти поради намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти, како и ослободување од царински давачки и ДДВ за специјални такси-возила за превоз на лица со инвалидитет и намалување на акцизата за биогорива се дел од новите економски ветувања на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. На нив се надоврзуваат најавите за модернизација и обнова на патиштата и на железничкиот сообраќај. Сите овие ветувања се на добар пат да се реализираат, со оглед на тоа дека досега сите ветувања се исполниле. Тоа е и движечката сила на партијата на власт која преку остварување на зададените цели повторно и повторно ја добива довербата на граѓаните. Експертите се убедени дека зацртаното се исполнува бидејќи е базирано на претходни анализи, истражувања и консултации со граѓаните на кои им се неопходни за пристоен живот во државата.
– Досега немало утнување меѓу ветувањата и тоа што е реализирано. Важно е да се утврди кои се приоритетите на граѓаните, како би се работело на нив, а власта од директните средби со луѓето точно може да го дијагностицира тоа. Потоа се гради стратегија и тим кој сето тоа може да го доведе до крај и успехот е загарантиран. Што се однесува до најновите зацртани цели, веруваме дека партијата има капацитет да ги исполни. Намалувањето на ДДВ на одредени стоки и услуги, секако, ќе значи помалку средства кои ќе влегуваат во буџетот, но овој кусок, од друга страна, ќе се надополни од други извори, како и од поголемиот обрт на она што ќе биде предмет на намалување – велат економските аналитичари.
– Ќе ја продолжиме политиката на ниски даноци и ослободувања од оданочување и намалување на стапката на ДДВ од 18 на 5 проценти за повеќе нови категории производи и услуги, при што покрај намалувањето за печки и котли на пелети и на пелетите за греење, ќе извршиме намалување на ДДВ на 5 проценти на ветеринарните лекови, на услугите на ветеринарните друштва. Ќе има намалување на ДДВ и за влез на спортски натпревари, за изнајмување спортски објекти, а ќе има ослободување од царински давачки и ДДВ за специјални такси-возила за превоз на лица со инвалидитет и намалување на акцизата за „немешани“ биогорива, како и ослободување од плаќање на увозни давачки за државјани на Република Македонија кои живеат во пограничен појас, за производи добиени од нивните имоти – најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Тој најави и целосно обновување на возниот парк на „Македонски железници“.
– Новата влада ќе работи на целосна обнова на возниот парк на „Македонски железници“. Се планира да се набават вкупно пет воза, и тоа: 3 нови дизел-моторни возови и 2 нови електромоторни возови, за што ќе инвестираме 22,5 милиони евра. За поефикасен транспорт на стока и на патници, а во рамките на проектот за обнова на возниот парк ќе се набават и три нови електрични локомотиви, за што ќе инвестираме нови 7 милиони евра – рече Груевски.
Ветувањата во врска со модернизација на железницата би требало да го заокружат процесот на обнова кој почна неодамна. Се инвестираше во обнова на возниот парк, се набавија нови патнички и товарни возови, се градат нови и се рехабилитираат постојните пруги, се реконструираат железничките станици. Квалитетот на железничкиот транспорт е подигнат на многу повисоко ниво од претходно, а резултатите се веќе видливи. Инвестицискиот циклус во железницата е вреден повеќе од 600 милиони евра. Според надлежните, со овој потег железничкиот сообраќај во земјава свртува нова страница, а граѓаните ќе добијат поквалитетен и поефикасен превоз со модерни возови. Ваква инвестиција во железничкиот сообраќај немало околу 40 години.
Освен инвестирање во железницата се работи и на модернизација на патиштата. Ќе се гради и нов експресен пат од Битола до граничниот премин „Меџитлија“, како и модернизација и реконструкција на влезовите во Битола.
– За сето тоа ќе инвестираме нови 10 милиони евра, а работите ќе почнат наредната година и ќе се одвиваат до 2020 година – прецизира Груевски.
Освен изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш и реконструкцијата на автопатска делница Неготино – Демир Капија, ќе се изврши и обнова на регионалниот пат Струмица – Попчево – Белотино – Рич – Конче, на регионалниот пат Нов Дојран – Фурка, на регионалниот пат Гевгелија – Богданци – Фурка, на регионалниот пат Прилеп – Боротино, на регионалниот пат Прилеп – Битола, како и патот Гевгелија – Смоквица.
Ќе се обноват и регионалните патишта Струмица – Ново Село, Неготино – Кавадарци, како и Росоман – Кавадарци. Севкупната проценета инвестиција на овие патишта е 79 милиони евра.
Во меѓувреме се работи на градба на три нови автопатишта, Демир Капија – Смоквица, кој треба да биде готов наредната година, автопатот Скопје – Штип и автопатот Кичево – Охрид. При крај е изградбата на експресниот пат Велес – Кадрифаково – Штип, а активно се гради и експресниот пат Градско – Прилеп. Во последните неколку години се завршени 404 локални патишта со должина од околу 750 километри и инвестиција од околу 65 милиони евра.
Текстот е објавен во неделникот Република бр.220
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.