Шестото издание на Неделата на дизајн во Скопје почнува денеска, на 23 ноември и ќе се одржува до 27 ноември во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“.
Денеска беше презентирана комплетната програма на шестото издание кое се одржува под мотото „Blooming Makers“, со цел дополнително да се поттикнат и поддржат локалните дизајнери во освојувањето на регионалниот и интернационалниот пазар, но и да им даде самодоверба за повидливо присуство на домашниот пазар.
На шестото издание на СДВ фокусот ќе биде ставен на главната изложба поттикната од мотото „Blooming Makers“, на која се претставуваат 18 главно млади дизајнери и дизајнерски студија кои храбро, мудро и креативно се борат за своето место на пазарот, потоа на патувачката изложба „Млади балански дизајнери“, како и изложбата на земјата во фокус, Австрија, дизајн велесила од каде доаѓаат 30 дизајнери кои се дел од „Дизајнавстрија“ (designaustria), а со тоа оваа изложба е најголемата австриска изложба на дизајн воопшто презентирана во Скопје.

– Очекуваме издание кое ќе има огромно влијание врз младите и креативците преку сето она што ќе имаат можност да го видат, слушнат и научат за време на фестивалските денови кои следат – изјави Тамара Георгиевска, менаџер на СДВ.
На СДВ ќе се одржат девет презентации, почнувајќи од 24 ноември со презентацијата на Зоран Једрејчиќ за Белградскиот саем на мебел, а во истиот ден следат и презентациите на „designaustria“, како и „Проект Илица: Made in Ilica/ Old school Ilica“ на хрватскиот колектив „Оаза“. Следните денови од 25 до 27 ноември презентации ќе имаат и FITR и „Модулар“, ЕУРМ и „Завар“, ЕУРМ и Ендрју Деген, Игор Јосифов, Соња Шутова и Стефан Георгиевски.
– По шести пат Неделата на дизајн во Скопје се посветува на промовирање на нови македонски брендови, иноватори, ни ги носи актуелностите од светската дизајн сцена претставувa една светска дизајн велесила и традиционално се посветува на регионот. Зрелоста на самиот фестивал се огледува во зрелоста на излагачите кои се претставуваат, а работната агенда е повторно сериозна и инспиративна. Во следните пет дена Скопје ќе дише со креативна позитивна енергија во ритамот на дизајнот – изјави Марта Наумовска – Грнарова, менаџер на експо зона на СДВ.
Четири професионални работилници и три работилници за деца ќе се одржат годинава во „Јавна соба“.
Трите работилници за деца ќе се одржат за време на викендот, 26 и 27 ноември, на темите „Фабрика за играње“ која ќе ја води Џулија Ѓорѓевиќ, „Магијата на абакусот“ со „Бреинобреин“, додека со работилницата „Илустрации“ ќе раководи Ина Михајлова.

Од музичките настапи на сцената во „Јавна соба“ првпат во Скопје ќе имаат концерт српските групи „E-Play“, „EYOT“ и „Dingospo Dali“. Своја вечер ќе имаат и македонската група „Џун“ и диџејот Master Flow од Суботица, Србија. Во музичкиот дел влегуваат и перформансот „Untie“ на Игор Јосифов како и рап-натпреварот „Beatrix – MC Battle“.
Оваа година првпат ќе бидат доделени награди за најперспективен бренд и Студентски дизајн, а програмата ќе биде дополнета со две работилници за деца, музички настапи во живо секоја вечер на сцената во „Јавна соба“, како и со кулинарски настани.
Неделата на дизајнот во Скопје е мултикултурна платформа фокусирана на дизајнот и иновациите која овозможува промоција, презентација, едукација, кулинарство и забава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


