Започна предизборната кампања и СДСМ доби можност она што Заев го зборуваше пред албанската дијаспора во Швајцарија, од врата на врата, од село во село, пластично да им го објасни на граѓаните, пред сѐ на Албанците зашто на овие избори планира да се бори исклучиво за нивните гласови реализирајќи ја нивната големоалбанска агенда.
Што значи редефинирање на унитарниот карактер на државата
Според ветувањето на Заев, идната федерализација на државата, за чиешто име дополнително ќе се одредува судбината, има три фази, кои етапно ќе се воведуваат во следните неколку години. Заев се залага за доспроведување на процесот за поделба на земјата до степен на неповратност. Тоа што со нивниот речник е „редефинирање“ на унитарниот карактер на државата, значи воведување на двојазичност, па федерализација и потоа отцепување на државата со можност за приклонување кон соседни држави.
Заев им дал „беса“ на албанските радикали, но и на сите албански политички фактори во земјата. Според ветувањето на Заев, идната федерализација или кантонизација на државата, за чиешто име дополнително ќе се одредува судбината, има три фази, кои етапно ќе се воведуваат во следните неколку години. Двојазичноста е само прва од трите фази на федерализацијата заедно со кантонизацијата и федерализацијата, како преоден пат кон отцепување на делови од Македонија.
Прва фаза – Употреба на албанскиот јазик во полицијата и во армијата, поделба на кантони
Со првата фаза е опфатена зголемена употреба на албанскиот јазик како официјален јазик, пред сѐ во безбедносниот сектор и во институциите, пред сѐ во полицијата и во армијата, но и поделба по федерални единици, кантони, односно развивање на општините во „понапреден систем на самоуправување“.
Втора фаза – Албанците ги добиваат функциите претседател на Собранието, премиер или претседател на државата
Во втората фаза треба да се воведе двојазичност на целата територија на државата. Воедно, на албанските партии при „поделба на колачот на власта“ им се нудат институции и функции. Од една страна ветени се функции како претседател на Собранието, премиер или претседател на државата. Преку институциите, пак, ќе бидат доделени безбедносните ресори МВР, потоа ДБК, БЈБ, како и финансиските столбови УЈП, царината… Во оваа фаза би требало да се одвива и административно поврзување на федералните единици.
Трета фаза – распад на Македонија и реализирање на проектот Голема Албанија
Третата фаза би значело само формализирање на федерализацијата на државата, поделба на кантони, кои потоа лесно би се отцепиле и би се припоиле кон соседни држави.
Бомбите ја открија вистината за Македонија
Никој веќе не смее да се залажува дека кризната состојбата во Македонија е за тоа дали на евентуални избори ќе победи ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, левица или десница, чија платформа – дали за „слобода и демократија“ или со програма и проекти. Проблемот не е ниту во избирачкиот список, фантоми, услови, притисок, партизација, медиуми или арамилак – работи за кои се прави привид со прислушуваните телефонски разговори со кои СДСМ се обиде да ја уценува власта.
Сѐ е тоа привид и параван. Сликата што излегува на виделина е многу покрупна и сѐ уште се прочистува, со изминување на овие години малтретирање на македонската јавност со кризата што ја почнаа опозицијата и Сорос. Целта е јасна, борба за преврат, која ќе резултира со редефинирање на државата! „Редефинирање“ е терминот што го користи Беса, новиот партнер на Заев, зад што стои ветувањето на актуелниот лидер на опозицијата за федерализирање на Македонија.
Дури и името на државата веќе длабоко е под знак прашање, но не само поради Грција. Ако до вчера нивните барања за реименување и за обезличување на државата и на нацијата се чинеа врв на фашизоидноста, тоа што се случува внатре во земјата е многу поголем и, за многумина, несфатлив процес. За жал, по 25 години независност, ова веќе не звучи ни како закана, ниту како фикција на „запалени глави“, туку е реалност што е тука, сервирана од сервилната опозиција со лидерство што на маса ја стави унитарноста на државата.
Редефинирањето на државата Заев како лидер на СДСМ им го ветил на албанските радикали, Беса и на предводникот на радикалните албански иселеници, но и на сите албански политички фактори во земјата. Таа идеја, односно улога на Заев, не е нова, тој го подготвува теренот подолго време. Тој зборува за двонационален идентитет уште во првото (и последно) интервју дадено за „Република“. Иако сопартијците се обидоа да го прикажат како „грешка“ поради струмичкиот дијалект на својот лидер, сега е кристално јасно дека изјавата за „двонационален идентитет“ воопшто не била надвор од неговата агенда.
Потоа во изјавите за албанската популација отворено нудеше воведување двојазичност во целата држава. Дури и однесувањето за време и по антитерористичката акција во кумановско Диво Насеље, но и митингот на Сорос/СДСМ не е надвор од таа агенда. Неговите ментори и творци на политиката и на процесот на поделба на државата на федерални единици, му го чистат теренот преку настапите во јавноста.
Не е ниту потребно да се именуваат разните фрчкоиди или героиди, кои и денеска, кога дел од „шарените“ реагираат зошто радикалите од Беса на протестот немале ниедно македонско знаме, убедуваат дека тоа не е воопшто важно.
И претходно, истите лица пропагираа дека нема проблем да се разговара за федерализација или да се има „ротирачки“ премиери по етничка линија – Македонец, па Албанец. На таа насока Ермира Мехмети, како висок претставник на ДУИ, уште лани во март побара техничка влада предводена од Албанец со мандат да го затвори и прашањето за името, за сега Едмонд Адеми како дел од СДСМ, отворено бара Албанец премиер, како надоврзување на „крв да се лее по улиците“.
Федерализацијата е отворената карта на Заев, зад која стојат и туторите и финансиери на сите активности од блокот на Сорос, па на крај и дел од меѓународната заедница на кој, благо речено, таквиот проект би им го затворил „македонското прашање“ еднаш засекогаш.
Амбасадори со години го подготвуваат теренот за федерализација
Не треба да се бара длабоко во историјата за да се види дека ваквите „проекти“ како пробен балон се пуштаа одвреме-навреме. Најголемиот пример беше во март 2009 година, кога германската амбасадорка Урлике Марија Шулц пред студентите од Педагошкиот факултет се излета со платформата дека Македонија во ЕУ ќе влезе како „Северна“, а Македонците ќе го учат албанскиот јазик уште од градинките.
Во 2020 година ќе бидете членка на ЕУ. Ќе имате ново име – Северна Македонија. Владата ќе биде составена од партија со име Нова македонска партија, во која членови се Албанци и Македонци. Албанското население ќе го зборува македонскиот јазик, што е случај и денеска, а Македонците ќе го зборуваат албанскиот јазик, кој ќе го учат уште од детски градинки. Мислам дека ова е убава визија за земјата. Не е нереална, не е утопија. Може да се направи и пред 2020 година ако се работи на политички план – изјави Кноц.
Откако амбасадорката доби остра вербална нота во МНР да не излетува од рамките на амбасадорските норми, таа објаснуваше дека се работи за „симулација“ во која учествувале ученици од Албанија, Косово и од Македонија, со нагласување „ млади од албанскиот дел на Македонија и од македонскиот дел на Македонија…“.
Од симулација до реализација
Денес, седум години потоа, таа „симулациска игра“ е реалност и е почната да се спроведува.
Сите овие наведени однесувања на Сорос/СДСМ не се ниту случајни ниту, пак, се случајно наброени тука.
Сето ова е планирано да се одвива полека и на временски фази, со добро испланирани чекори, зад кои ќе се крене кампања иста како што се одвиваше за територијалната прераспределба. За потсетување и за референдумот за тоа СДСМ водеше кампања дека „некои прашања не заслужуваат одговор“. Последиците од тоа се чувствуваат денес.
Сета оваа двегодишна акција на сите што се насочија кон уривање на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и дејствувањето на СЈО, е со цел намалување на влијанието на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиното раководство. Јасна е и причината- полесно ќе се дојде до остварување на симулацијата на Урлике Марија Шулц со некој што веќе најавил „виткање на кичмата“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)