Тренерот на ПСЖ, Унаи Емери, е убеден дека неговиот тим наскоро ќе го покаже вистинското лице, иако тимот од Париз имаше лош старт на оваа сезона во францускиот шампионат.
– Не ја започнавме сезоната на најдобар начин, но верувам дека резултатите ќе дојдат. Екипата веќе разбира како треба подобро да играме. ПСЖ е силен тим, во кој има голема конкуренција. Очигледно, Лигата на шампионите е многу важно натпреварување за нас и досега се претставуваме во добро светло. Наша цел е да ја освоиме титулата во француското првенство, кое ќе ни помогне да сме подготвени за ЛШ – истакна Емери.
Останува да се види реакцијата на челниците на ПСЖ, кои го отпуштија претходниот тренер Лорен Блан, кој доминираше во француското првенство само затоа што немаше успех во ЛШ. Емери беше доведен токму за да направи чекор напред во елитното европско натпреварување, па интересно ќе биде да се види колкаво трпение ќе покажат првите луѓе на „светците“ кон шпанскиот стручњак.
После 13 одиграни меча во француското првенство, Пари Сен Жермен се наоѓа на третата позиција на табелата, со 29 бода, а лидер е Ница со 32 бода.
Утре „светците“ му гостуваат на Арсенал во Лигата на шампионите, во дуелот кој треба да решава за првото место во групата А. Арсенал и ПСЖ во моментов имаат по 10 освоени бода и веќе се пласирани во следната рунда од ова натпреварување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.