Со слоганот „Не се плашете, режимот ќе падне!“ Коалиција за промени и правда – Трет блок предводена од Демократскиот сојуз од Скопје ја започна изборната кампања. Според лидерот на ДС Павле Трајанов и носител на листата во ИЕ 1, партијата и нивните кадри, на дела го покажале патриотизмот уште во 90-тите години кога, како што рече, ги удриле темелите на државата.
– Тогаш ја испративме ЈНА од Македонија без зрно барут, ги преземавме границите и обезбедивме ефективна власт над целата територија. Тоа се дела! Пред две години најавивме дека мора да има одговорност за раководството на ВМРО – ДПМНЕ, кое државата ја урниса и го ограби народот , а најмладите, најспособните, ги принуди да заминат во странство, рече Трајанов.
Тој пред граѓаните ги презентираше итните економски мерки за стабилизација на економијата, спречување на иселувањето и намалување на сиромаштијата и најави зголемување на најниската пензија на 200 евра, и издвојување на 2% од Буџетот за вработување на младите, за, како што рече, да не ја чекат пензијата од своите дедовци и баби или од родителите, туку сами да создават и градат.
– Имаме програма за отварање мали фирми во кои ќе се вработат над 90.000 невработени млади и способни кадри и ќе ги повикаме најспособните наши менаџери од странство да дојдат во Македонија. Од буџетот ќе издвојуваме над 800 милиони евра за развој. Ќе овозможиме исти услови за бизнис на домашните и странските компании, кои инвестираат и отвараат нови работни места. Направивме анализа, која покажува дека има потенцијал најниската плата да биде 300 евра, за да се зголеми продуктивноста и условите за нормален живот. Тоа ќе ги раздвижи и замисли странските компании, да го ценат трудот на работниците во нивните фабрики, каде платите се едвај 150 евра, а придонесите ги плаќаме сите ние, вклучително и тие од текстилната индустрија кои едвај добиваат по 100 евра месечна плата, додаде лидерот на ДС.
Носителот на листата во ИЕ 4, Слободан Богоевски, изјави дека после првите демократски избори во Македонија во 1990 година, на сите други избори народот гласал од очај, казнувајќи ја едната или другата власт, за злоделата што ги правела. Народот, рече, немал избор, освен да ги казнува. На власт се менувале две партии кои го затвориле кругот на македонската несреќа.
– На 11 декември 2016 година, народот ќе има можност за прв пат по 1990 година да гласа за народни пратеници, а не за поданици, додаде тој.
Како што посочија од Коалицијата – девојките, младите мајки и жените, интелектуалките, ќе добијат свој репрезент во Собранието по 11 декември. Носителката на изборната листа во ИЕ 3 Весна Стоименовска порача дека ќе се работи на враќање на редот во државата.
– Aко законите на важат за најповиканите и оние кои ги креираат, зошто да важат за граѓаните… и тука веќе влегуваме во една опасна ситуација која дава анархично владеење, буквално, безредие. Го бараме Вашиот глас, за да се случат промени и во Македонија да го донесеме она по кое младите ни трагаат надвор, порача таа.
Лидерот на ФРОДЕМ и носител на коалициската листа во ИЕ 2 Јове Кекеновски, изјави дека тие имаат јасни заложби и визија.
– Ние за разлика од останатите, ви нудиме едуцирани, стручни и пред се чесни кандидати за пратеници, рече тој.
Коалицијата во својата изборна програма наведува дека за партизираното и корумпирано судство ќе има царски рез, како што велат оттаму, сите тие што суделе во монтирани процеси и ги полнеле џебовите делејќи неправда, ќе си заминат.
Коалицијата ветува дека ќе ги деблокира евро-атланските процеси и со гордост и најавува дека Македонија под уставното име, ќе стане полноправна членка и на НАТО и ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.