| четврток, 6 декември 2018 |

Малата министерка не знае каде е Владата

Жртва 1: Слепите

Жртва 2: Децата

Жртва 3: Социјалците

 

Има ли пилот во авионот, министерке Ременски? Знае ли малата министерка кои се потребите и интересите на граѓаните, како ја контролира работата на Министерството за труд и социјала, каде била и што правела министерката, зашто таму каде што требало да биде, повеќе ја немало одошто ја имало.

Во десетте месеци министерување техничката министерка Фросина Ременски не ги извршувала своите примарни должности – присуство на владините комисии и на седниците на Владата на Република Македонија.

Од 88 одржани седници на комисии, не присуствувала на 60. Во истиот период биле одржани 65 седници на Владата на Република Македонија, но Ташевска-Ременски не присуствувала на повеќе од 50.

И да не помислите дека ѝ ги негираме ангажманите на министерката, таман работа. Била и работела женичката, се изнаработила. За каузата на „Бихаќка“. Пресови, кадровски смени, упади, инспекции, агендата исполнета до минута. Сепак, ене каде е 21 ноември, започнува предизборната кампања, па мора да се наполнат позициите со послушници и да се работи – за партијата, секако, за народот, никако.

Посветена на партиската агенда и пресметки со оние кои ги смета неподобни преку наводното спроведување на надлежностите на технички министер делејќи наредби и опомени секојдневно, во пресрет на одржувањето на предвремените парламентарни избори, малата министерка го претвори Министерството во прес-центар на СДСМ.

Неделава на Ременски во фокусот ѝ се слепите и децата. Несомнено рамноправен противник избрала.

„Техничката министерка веќе еднаш формира комисија за надзор на финансиското работење на Националниот сојуз на слепи лица на РМ (НССРМ), која во мај (кога се претпоставуваше дека ќе има избори во јуни), цели три недели доаѓаше во контрола над НССРМ и очигледно не си ја заврши добро работата и не достави никаков извештај, бидејќи изборите се одложија, па, ете, повторно сега пред избори техничката министерка праќа комисија за надзор во НССРМ. Но, овој доаѓаат дури и лица кои без нејзино и овластување на дополнителниот министер сакаат да вршат надзор над работата, се жалат слепите лица на политичкото изживување од Министерството на Ременски.

„Обновата на правата од социјална и детска заштита која се врши еднаш годишно, наместо во ноември како што е вообичаено, ќе се спроведе од 19 декември до 27 јануари 2017 година. Причина за одложувањето на обновата, се подготвителните активности за претстојните парламентарни избори, период во кој, најчесто се прават злоупотреби и манипулации со лицата во социјален ризик“, одлучи малата министерка.

Ете така работи малата министерка, како партиски војник, како водач на распашана банда.

Само затоа што министерката е партиски војник наместо министер слепите лица ќе трпат изживување од нејзините измислени комисии.

Само затоа што таа нема контрола во своето министерство, децата и социјалните случаи месец-месец и половина, ќе останат без право на социјална и детска заштита – во зима, за Нова година.

Така работи малата министерка, газејќи преку најранливите, ги штиклира изврените партиски задачи. Тажно, но најсуровото допрва доаѓа.

Текстот е објавен во рубриката Личност на неделата, во 220 број на неделникот „Република“, кој излезе од печат на 18 ноември 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top