| четврток, 6 декември 2018 |

Отворање нови рурални развојни зони, одлични поволности за инвеститорите

Отворање рурални развојни зони е еден од проектите во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ, „Реално“. Лидерот на партијата Никола Груевски, образложувајќи го проектот, истакна дека со истиот се предвидуваат даночни и други ослободувања, слични, но и повисоки од оние во слободните економски зони, како и финансиска помош, за отворање бизнис во руралните подрачја.

-Инвестициите ќе може да се реализираат во населени места кои се на листата на рурални подрачја, детално наведени во нашата програма, како што се: 1.657 села, седишта на општини до 10.000 жители, и населени места во општините од Град Скопје што се оддалечени повеќе од 5 километри од седиштето на општината. Тоа се оние кои се квалификуваат за да ги добијат поволностите. Ќе бидат поддржани инвестиции во индустриски капацитети – градба на нови фабрики, откупно дистрибутивни центри за земјоделски производи, хотели со минимум 20 соби, пензионерски домови, спа центри, болници, спортско рекреативни центри и филмски студија, истакна Груевски.

Тој објасни дека инвеститорите ќе имаат обврска најмалку 80% од лицата кои ќе ги вработат да бидат ново вработени лица, евидентирани како невработени подолго од 6 месеци со цел да не ги превземаат од другите кои немаат вакви поволности, да не создадат нелојална конкуренција.

За заинтересираните со новиот проект се нудат одлични поволности и даночни ослободувања како на пример ослободување од плаќање данок на добивка 10 години, ослободување од плаќање на персонален данок за вработените 10 години, за висина на плата до 3 просечни плати за лица со основно и средно, и до 5 просечни плати за лица со високо образование, ослободување од плаќање на 50% од социјалните придонеси за вработените за период од 10 години.

Инвеститорите ќе бидат ослободени од царина и ДДВ за увезената опрема за инвестицијата што ќе ја направат, од давачките за приклучок на електрична енергија, до моќност од 50 киловати, од надомест за уредување на градежно земјиште/комуналии. Ќе имаат и брза трансформација на земјоделско во градежно земјиште, а продажбата на државно градежно земјиште ќе биде по почетна цена од 1 евро по метар квадратен.

За изградбата на новиот објект се предвивува инвеститорите да имаат финансиска помош во износ од 20% од инвестицијата, најмногу до 500.000 евра, а ќе добијат и грант од државата по 2.000 евра за секое вработено лице евидентирано како невработено најмалку 6 месеци, и 4.000 евра за вработување на стечаен работник.

На инвеститорите ќе им бидат покриени и трошоците обука и преквалификација за вработените, ќе имаат изградба на пристапен пат, бунар и снабдување со вода на местото каде треба да се гради фабриката, изработка на урбанистичка документација за локацијата, како и осигурување од пожар за објектот 3 години по неговата изградба.

Груевски додаде дека овие поволности ќе се уредат со закон и ќе се даваат во период од пет години. Проектот ќе важи за период од пет години, од моментот кога ќе се донесе законот во парламентот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top