| четврток, 6 декември 2018 |

Најновиот филм на Вуди Ален вечерва на „Синедејс 2016“ (видео)

„Кафе друштво“, најновиот филм на Вуди Ален , филмот „Игла под прагот“ во кој главната улога ја игра нашиот Никола Ристановски, како и концерт на „Новиот почеток“ е само дел од она што може да се види денеска на Фестивалот на европски филм „Синедејс 2016“.

„Кафе друштво“ е вечерва во кино „Милениум“ (20 часот). Најовиот филм Вуди Ален е дел од Гала програмата. Главниот лик, младиот Боби Дорфман во потрага по возбудлива кариера го напушта Њујорк за сјајот и гламурот на Холивуд во 1930-тите. Откако ќе се вработи кај вујко му, Боби се вљубува во Вони, шармантна жена, која по некоја случајност е љубовница на неговиот вујко и шеф. Помирувајќи се дека ќе бидат само пријатели, но со скршено срце, Боби се враќа во Бронкс и почнува да работи во ноќен клуб. Тој ќе започне врска со една прекрасна џетсетерка и сѐ изгледа супер, но еден ден Вони се враќа во неговиот живот и повторно му го освојува срцето.

unnamed

Во 22 часот во „Милениум“ е „Неонскиот демон“. Филмот во режија на Николас Виндинг Рефн е приказна за Џеси која веднаш по нејзиниот 16-ти роденден се сели во Лос Анџелес за да започне кариера како модел. Директорот на нејзината модна агенција ѝ кажува на тинејџерката дека ги има сите квалитети потребни да стане ѕвезда. Џеси набрзо се соочува со гневот на безмилосните злобници, кои ги презираат нејзината младост и убавина. Згора на тоа, таа мора да се справува со бесрамниот менаџер на мотелот и морничавиот фотограф. Како што Џеси се вивнува во светот на модата, нејзиниот карактер се менува така што би можела да се одбрани од нејзините бескрупулозни ривали.

Меѓу останатите во филмот игра и познатиот американски актер Киану Ривс, а Клиф Мартинез беше награден за најдобар композитор на Канскиот филмски фестивал.

Во кино „Фросина“ во 19 часот е „Игла под прагот“. Филмот на Иван Мариновиќ се натпреварува во категоријата СинеБалкан. Отец Петар стравува дека вселената е индиферентна, Бог повеќе не се меша, сопругата го напуштила, неговиот син му пркоси, а мајка му едвај го препознава благодарение на Алцхајмеровата болест. Кога Петар станува пречка за продажба на еден голем имот во неговата парохија, група весели, но одмаздољубиви селани решаваат да го избркаат. Нивните креативни начини го уверуваат целото суеверно село дека Петар е причината за сите проблеми на полуостровот. Нивниот судир ескалира на погреб на божемна вештица што го претвораат во огромен хаос. Не само што Петар е дискредитиран како свештеник во крајот, туку и тој комплетно ја губи вербата во луѓето.

Нашиот Никола Ристановски, ја има главната улога, а во филмот игра и култниот Богдан Диклиќ.

Во 21:00 ч. е „Кривина. Филмот на Рифки Асаф е во официјална селекција. Палестинецот Ради живее сам во сино „Фолксваген“ камперско комбе, и се чини дека тој бега од сопствениот живот толку, колку што побегнал и од географската локација. Додека вози низ Јордан, наидува на други луѓе со слични маки: Лејла е Палестинка, но таа се враќа во кампот Јормук во Сирија, по пропаднатиот брак. Кога нејзиниот таксист се обидува да ја ограби, Ради (навидум неволно) доаѓа на помош; Сами, во меѓувреме, е протеран либански телевизиски режисер чијшто автомобил се расипал на пат кон Ирбид. Внатре во комбето, тројцата разговараат за местата и луѓето што никогаш повторно нема да ги видат. Надвор од комбето, наидуваат искри сеќавања како пејзаж, и во друштво на неговите сопатници, Ради полека почнува да се отвора.

Во 23.00 часот е „Не ми зјапај во чинијата“. Филмот на Хана Јусиќ е во конкуренција за награда во категоријата СинеБалкан. Тој е приказна за Маријана чиј живот, сакала или не, се врти околу нејзиното семејство. Тие живеат во еден малечок стан и се излудуваат меѓусебно. Во меѓувреме нејзиниот татко има мозочен удар и останува комплетно врзан за кревет, а Маријана станува глава на семејството. Набрзо, таа веќе работи на две работни места за да го издржува семејството, додека мајка ѝ и нејзиниот хендикепиран брат само ѝ одмогнуваат. Притисната до крај, Маријана наоѓа утеха во бесрамен секс со непознати; а откако ќе ја вкуси слободата, ќе посака уште. Но сега, кога конечно наоѓа слобода, што ли треба да прави со неа?

На филмскиот фестивал во Венеција, Хана Јусиќ ја доби наградата Федеора за најдобар Еуро-медитерански филм.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top