Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп смени двајца функционери од неговиот тим за спроведување на транзицијата по изборите, на барање на неговиот зет, тврди „Њујорк Тајмс“.
Весникот наведува дека и зад претходната смената на гувернерот од Њу Џерси, Крис Кристи од раководната позиција на тимот за транзиција и неговото заменување со избраниот потпретседател Мајк Пенс, била волја на зетот на Трамп, Џаред Кушнер, кој ја има улогата на близок советник на новоизбраниот претседател.
Смената на Кристи се објаснува со осудувањето и затворањето на таткото на Кушнер во 2004 година, кога јавен обвинител на Њу Џерси бил Кристи.
Таткото на зетот на Трамп пред 12 години бил осуден за неплаќање данок и даночни измами, за илегално давање пари во политичка кампања и за договарање со сведоци. Американските медиуми сега тврдат дека сментите двајца функционери од тимот на новиот претседател, кои беа определени да се се занимаваат со безбедносните прашања, морале да си заминат само затоа што биле блиски со актуелниот гувернер на Њу Џерси.
Весниците во САД наведуваат дека по само една недела од создавањето на тимот, дошло до внатрешна криза и несогласувања, како и дека тој ја загубил контролата врз случувањата. Трамп денеска ги отфрли како неточни таквите пишувања во медиумите, уверувајќи ја јавноста дека работите се под контрола.
– Само јас сум определувам кој каква улога ќе има екипата што се грижи за спроведувањето на транзицијата, напиша Доналд Трамп на Твитер.
Републиканскиот гувернер Крис Кристи кој и самиот на почетокот се вклучи во претседателската изборна кампања, по повлекувањето беше првиот републиканец со висока функција кој застана зад Трамп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.