Новак Ѓоковиќ, вториот рекет на светот и еден од најдобрите спортисти во последниот период, по вчерашната победа во Лондон над Милош Раониќ, изјави дека никогаш во својата кариера не се сметал за непобедлив, ниту во иднина ќе се смета за таков.
– Никогаш не се сметав за непобедлив, а мислам дека ни во иднина нема да се сметам за таков. Најпрво, воопшто не размислувам на тој начин, но не е фер да мислиш дека си непобедлив. Мал е бројот на спортисти кои кариерата ја завршиле непоразени – вели Ноле.
Ѓоковиќ со победата над Раониќ успеа да обезбеди полуфинале на завршниот турнир во Лондон.
– Одигравме доста неизвесен тениски натпревар, во кој само неколку поени го одлучија победникот. Можеше да заврши и во полза на Милош, но јас имав среќа во првиот сет, како и во вториот кога тој пропушти зицер за 1-1. Иако ќе играм во полуфинале не сум задоволен од мојата игра, посебно од моментите кога јас сервирам. Сепак да победиш два тај-брејка со еден таков сервер е добро за самодоверба – додаде Ѓоковиќ.
Тој утре ќе го одигра последниот дуел од групната фаза на овој турнир кога ќе се сретне со францускиот тенисер, Гаел Монфилс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.