| четврток, 6 декември 2018 |

Македонскиот народен театар подготвува нова премиера – „Квартет“

Идејата за претставата е од пред три-четири години, почнала да се реализира како независна продукција преку „Контрапункт“ што ќе се игра во Младинскиот културен центар, но потоа се договориле да ја преселат во МНТ каде што, според Бузалковска, претставата и повеќе припаѓа

Македонскиот народен театар на 18 ноември на Мала сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Квартет“ по текст на Роналд Харвуд во режија на Зоја Бузалковска, во која играат актери од Драмскиот театар и од МНТ – Лилјана Велјанова, Катина Иванова, Емил Рубен и Благој Чоревски.

Идејата за претставата е од пред три-четири години, почнала да се реализира како независна продукција преку „Контрапункт“ што ќе се игра во Младинскиот културен центар, но потоа се договориле да ја преселат во МНТ каде што, според Бузалковска, претставата и повеќе припаѓа.

kvartet1

На прес-конференција денеска таа рече дека процесот на создавање на „Квартет“  бил необичен, т.е. обратен, зашто актерите, а не таа нив, ја повикале да го режира текстот на Харвуд, кој го открила актерката Велјанова. Бузалковска нив ги нарече четврорица маестра на актерството со кои, рече, да се работи е огромна чест и задоволство, а истовремено и голем предзиввик, искушение и тест за еден режисер.

kvartet3

– Се работи за еден фантастичен драмски текст за четири лика од кои, секој од нив, има еднаков простор во оваа приказна. Тешки актерски задачи и ужасно сложена режисерска задача, затоа што ова не е претстава во која ќе видите режисерски егзибиционизми, туку се занимава со приказната, со односите, се обидува што поточно, подобро и посугестивно да ја раскаже оваа, би рекла, трагикомична приказна, на моменти  многу  смешна, на моменти ислучително тажна – за четворица некогаш многу познати и популарни оперски пејачи кои сега се наоѓаат во дом за стари луѓе од таа фела – рече Бузалковска.

zoja-buzalkovska

Актерката Велјанова, која во јануари се повреди во МНТ и од здравствени  причини отсуствуваше од пробите, се заблагодари што режисерката и на колегите имале, како што рече, трпеливост и желба таа да остане дел од екипата.

kvartet5

Ја објасни и причината зошто текстот на Харвуд ѝ се допаднал веднаш – затоа што е возбудлива приказна која ги засега не само оперските, туку сите уметници кога поради возраста треба да си заминат од сцената и да се збогуваат со професијата на која и биле посветени цел живот.

kvartet4

– Кога заминуваат во некои возрасти, кога се чувствува полека елиминацијата од присуството на сцената, што е еден од најболните процеси за секој уметник кога е вистински професионалец и кога го посветил животот на театарската уметност. Мора да кажам дека тоа во нашиот простор е многу драстично и многу болно. Во еден подолг период стана една тешка елиминација на се што се вика повозрасно во театарот. Новите генерации треба да не заменат и треба да бидат подобри од нас, и лошо би било кога не би било така, но мешањето на возрасти и на искуства е само драгоценост на секоја уметничка куќа. Тука, кај нас, малку се правеа грешки. Се надевам дека во иднина ќе се поправат, рече Велјанова. Таа во претставата го игра ликот (Џин Хортон) што ја прави главната драма – нарцисоидна оперска певица, која имала голема кариера.

kvartet2

Четворицата актери се задоволни од претставата и од меѓусебната соработка. Ја пофалија и режисерката Бузалковска, која, според Емил Рубен, како ретко кој друг режисер успеала овој проект да го доведе до крај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top