| четврток, 6 декември 2018 |

Да ја зголемиме грижата за македонскиот јазик

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

За позицијата на македонскиот јазик  во нашето општеството, како и за грижата за него, потребно е да се говори секојпат одново. Тоа се однесува како за говорителите, така како и за односот како кон прашање со поширок општествен опфат. На крајот, и за рефлексот на политичкиот репрезент, како репрезент на општеството, за грижата за македонскиот јазик, и во ова време, при програмирањето на политичката активност. Значи, за тоа како луѓето, воопшто, се однесуваат кон нашиот јазик, каква е грижата за јазикот на секого, и на поединецот и на севкупната јавност.

Затоа што, како што ќе рече Крсте Мисирков,  јазикот на народот е неговото духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови, сите мисли, чувства и желби со кои што има живеано и живее еден народ и кои што се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго. Јазикот е нашата одредница како народ. Го искажува нашиот идентитет.

Не е само мое чувството дека грижата за македонскиот јазик во општеството, денес, е ослабена и дека има потреба таа да се поврати.

Нагласената потреба за свртување и грижата за македонскиот јазик  постои и затоа што опстојуваат и многу настојувања кои се усмерени на загрозувањето на македонскиот народ на меѓународно ниво, негирајќи го и непризнавајќи го јазикот, и воопшто, неговите идентитетски обележја. Претенциозни се и притисоците да се ослаби статусната позиција на македонскиот народ како и на позицијата на македонскиот јазик во нашето општество.

Дотолку повеќе што некои дискусии околу потеклото на македонскиот народ, пројавени како „антиквизација“, и во сферата на јазикот како да извршија дополнителна дезориентација. Се разбира, дискусиите,  различните дилеми се можни, но тие се предмет на внатрејазичната научна расправа. И никако како нешто што може да го оправда смалувањето на посветеноста спрема македонскиот јазик.

Многу загрижува и отсуството на литерарната форма на јазикот  во дијаспората. Затоа што покрај тоа што врз македонскиот јазик се врши домицилно влијание во употреба е, речиси,  дијалектниот начин на зборување. А и таквиот јазик, поради образованието,  јавната комуникација и друго, изостанува. Па јазикот се губи сосема. За ваквиот процес придонесе и намалувањето на лекторатите кои вршеа корисна мисија во зачувувањето на литературната форма на македонскиот јазик во странство.

Во Републиката постојано се смалува интересот за студии по македонски јазик. Се смалува бројот на студенти на студиите по македонски јазик што, секако, е своевиден показател за позицијата што македонскиот јазик ја зазема во општеството. Истовремено, кога крајно се редуцирани часовите во образованието по граматиката на македонскиот јазик, значи часовите за изучување на македонскиот јазик.

Намален е и претходно постоечкиот ентузијазам за изградбата на јазикот и грижата за примена на неговата литерарна форма. Се напушти убавата традиција, востановена од лингвистичките дејци, за уредување на рубрики какви што беа „Поуки за јазикот“ и „Јазично катче“.

Широко е раширена практиката поединците да говорат на дијалектен начин, со грешки во акцентот, во синтаксата, во правописот. Загрижува некритичкото прифаќање, и во неприфатлив обем, на странски зборови и туѓи јазични конструкции во јавните гласила, општо земено, во јавниот говор, пишувањето на објавите и друго.

Таков е случајот, на пример, со навлегувањето на немакедонската форма на формирањето на женските презимиња според фамилијата (со завршеток на ов, ев, ски). Дотолку повеќе што дозволувањето на ваквата практика не е наводно за да се задоволи личната желба, туку е помодност и нарушување на македонската традиција.

Наведените моменти укажуваат на потребата од активен ангажман на нашето општество и потребата за јавна грижа, за да се воспостави владеење на литературниот јазик. За грижата, како што ќе рече професорот Круме Кепески: „кога и оној во администрацијата, и оној на улица, на пазар,  до последниот, ќе зборува литературнно, македонски“.

А како да недостасува во таа насока јавната заложба на Советот за македонски јазик при Министерството за култура. Се јавува и крајна недоследност во примената на законот за лекторска застапеност во установите.

Овие моменти создаваат големо незадоволство кај стручната јавност. Дотолку повеќе што и нивните јавни препораки за определени јазични прашања не најдуваат одглас во јавноста и пред надлежните општествени органи, за да реагираат со одлуки (прописи и сл.).

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top