Бугарскиот премиер, Бојко Борисов поднесе оставка. Таа ќе биде поднесена во првиот работен ден на парламентот по предизборниот одмор. Ова го објави премиерот вечерва, откако станаа јасни првичните резултати од претседателските избори, пренесе бугарска Нова.
Според нив генералот Румен Радев ја освои битката за „Дондуков“ бр.2 со 59,7%. Кандидатот на ГЕРБ, Цецка Цачева собра поддршка на 35,3 отсто од избирачите.
По првиот круг на гласањето, премиерот се ангажираше да се повлече од функцијата, ако Цачева не стане петтиот претседател на Бугарија.
„Има нова политичка ситуација во Бугарија. Станува јасно дека владејачката коалиција нема мнозинство во овој парламент“, рече Борисов.
Тој беше категоричен дека ГЕРБ ќе го врати и мандатот за формирање на техничка влада, кој ќе добијат први како најголема парламентарно претставена политичка сила.
„Оттука натаму ќе ги поддржуваме политиките кои ги сметаме за правилни“, објави уште Борисов.
Тој им честиташе на победниците во денешното гласање и „колегите од ДПБ кои се потрудиле тоа да се случи – да се разбие десницата“.
„Категорична е победата на Радев, категорично е учеството на ДПС во ова гласање, категорична е желбата на БСП да управува“, прокоментира уште Борисов.
„Гледам многу грешки во ГЕРБ, само што ние сме партија која се учи од грешките, си земаме лекции. Јас секогаш сум бил дел од народот и секој сигнал го чуствувам на своја кожа. На овие избори луѓето ни рекоа: „Нешто не е како што треба“, категоричен е премиерот.
Според него, сепак сите кои до сега ја обвинувале ГЕРБ во задкулисни игри, сега треба да се извинат.
„За ништо не жалиме, важно е да има мир и демократија и да се почитуваат правилата“, заклучи премиерот и додаде дека допрва ќе се прават анализи на тоа зошто избирачите ги казниле владејачките структури.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


