| четврток, 6 декември 2018 |

До полноќ ДИК треба да ги прифати пратеничките листи

Државната изборна комисија вечерва на седница повторно ги разгледува кандидатските листи на шест политички субјекти кои им беа вратени на доработка поради констатирани неправилности

dik

До полноќ ДИК треба да ги прифати листите со кандидати за пратеници на сите партии. Сите 6 партии, односно коалиции за кои имаше забелешки по првичното разгледување вчера денеска ги доставиле потребните документи и ги исправиле пропустите во листите. Вчера без забелешки беа прифатени листите на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на опозициската коалиција предводена од СДСМ, на ДУИ, на ДПА, на ПДП, на ЛП и на Беса.

На доработка беа вратени листите на Коалицијата за промени и правда, Коалицијата ВМРО за Македонија, на Коалицијата „Алијанса за Албанците“, на Левица, на СДПМ и на НДМ. Некои од партиите требаше да ги променат кандидатите, односно редоследот на листите за да се запази законската одредба за 40 проценти жени-кандидати на листите, потоа имаше случаи за дел од кандидатите партијата да не доставила нивни изјави дека се согласуваат да бидат кандидирани за пратеници, или уверенија за неосудуваност итн.

ДИК се очекува вечерва да ги верификува листите на сите 13 партии и коалиции кои се пријавија за учество на изборите на 11 декември. Жребувањето за тоа која партија под кој број ќе биде на гласачкото ливче нa редоследот ќе се одржи на 20 ноември, а следниот ден почнува предизборната кампања која ќе трае 20 дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top