Зоран Заев не ја подготвува партијата за избори, туку за сопствено политичко опстојување. Изборните листи што ги предложи, и очекувано му поминаа на партискиот конгрес, тоа најотворено го покажуваат. Всушност, Заев откако ја презеде партијата е во перманентна чистка на сите кадри за кои тој и тие околу него мислат дека може да им наштетат, па и да го тргнат Заев од комплетното преземање на некогаш моќниот играч на политичката сцена. Ако првичното отстранување на кадрите на Црвенковски, што само по себе е небулоза затоа што и тој и Шекеринска се деца на „папата“, сите замени од Грчева и Буралиева до Сугаревски и Кире Наумов на изборните листи се само надоврзување на „раскинувањето“ со Макрадули, Ивановски, Петров, Георгиев, Грковска, Бендевска, Минчев, Станковиќ, Николов, Ристова Астеруд… Чистката што ја спроведуваат Заев и неговиот клан заедно со СОРОС воопшто не е наивна и случајна. Ако сето тоа на почетокот се прикриваше во обландата на нов почеток со нови лица, како ли досега ги гледаа и прифаќаа Зечевиќ, Верушевски, Пендаровски, Спасовски…
Точно е дека со смената на Бранко Црвенковски СДСМ требаше да отвори нов, современ пат за партијата да опстане на македонската политичка сцена. Но, уште со изборот на Зоран Заев и на Радмила Шекеринска на новооформеното место во хиерархијата, работата почна да застранува во уште подлабока внатрепартиска криза, која се пресели и на севкупниот политички живот во земјата. Секако, почна со тоа што Заев и кланот се подредија под СОРОС, а сега ја отстапија партијата. Како почеток на кулминација на таа состојба, во некои идни анализи, веројатно ќе биде земен моментот на претставувањето на пратеничките листи за вонредните парламентарни избори 2016 година, кои и покрај огромното незадоволство кај членството, помина со 600 гласови „за“ и со само еден делегатски глас „против“!?
Незадоволството во партијата што го предизвикаа овие листи ги надминуваат и револтот по конгресот на кој Заев беше избран за лидер на партијата, како и несогласувањата по составот на „анонимните“ за изборите во 2014 година. Дури звучни партиски имиња јавно оценуваат дека со самото тоа што сега го нема првиот партиски претставник во парламентот, координаторот на пратеничката група Сугаревски, се испраќа многу лош сигнал. Сугаревски навреден го напуштил Конгресот, а Софија Куновска си поднесе оставка од партиската функција. Бил револтиран дури и Едмонд Адеми, чијашто „светост“ ја засени „независниот“ новинар Мухамед Зекири. Како неверојатно и невозможно се толкува и изостанувањето на Кире Наумов од 120 имиња со кои партијата ќе настапи пред граѓаните, а во моментов, од партиска гледна точка, тој е иден министер. Доколку листите и се „граѓански“ зошто ја нема Лидија Димова, која не само што пред пратеничкиот мандат водеше НВО, туку и ја возеше бојата за протестите, а ја има(ше) Лилјана Поповска? Ако Заев се обидува да продаде приказна дека сите тие ќе имаат удел потоа, зошто тогаш на листите ги „вдоми“ Спасовски, Фросина Ременски, како и Шеќеринска, па и себеси? Од друга страна, и покрај сè, ако, навистина, се убедени во победата, зошто тогаш ова јавно манифестирана нервоза и на тие на листите и тие што отпаднаа?
Неуспехот на СДСМ под Заев и Шеќеринска, кој се очекува во декември, како последен во низата на сите изборни циклуси, веќе нема да може да се затскрива зад „режимот“ и „фантомите“, па Заев и неговиот клан преминаа на друга стратегија – да се отстранат сите што може да бидат евентуален проблем и да бараат одговорност од Заев и СОРОС за загубените избори. Но и да застанат спроти некои нови обиди на Заевиот соросов клан за дестабилизации, напуштања на парламентот и други форми за наново отворање на кризата во земјата. На сегашните „новите момци“ пораката им е испратена со протерувањето на Грчева и на Буралиева од претходниот состав, како и на Роза Топузова – Каревска од сателитот ЛДП. Место нив, Заев присвоената партија ја продаде на т.н. Невладин сектор на Сорос, што, всушност, и нема некаква разлика. И досега се знаеше дека спрегата СДСМ со парите од СОРОС стоеше зад разни пленуми и протестни здруженија, кои требаше да глумат „граѓанство“. Па,како поинаку од таа калакурница беа избрани „шарениот“ Павле Богоевски, семејно врзан со партиските активисти Огнен Јаневски и Марин Бабиќ, или, пак, Ивана Туфегџиќ „шарен“ член на СДСМ со корени во судството, кое Заев посакува да го гради од почеток. Секако дека тие не се „црпнати“ по принципот на Заев, туку дека внимателно се избрани заради нивниот послушничко-револуционерен карактер.
Додека истакнати партиски лица како Каролина Ристова Астеруд и други поддржувачи на СДСМ се фокусираат на имиња од листите, Ивор Мицковски, колумнист, социјалдемократ по убедување, констатираше „Затворени партиски листи и независни интелектуалци!? А, ОК, партија решава кој е независен интелектуалец“. Тој потоа отворено зборува дека на овие избори противници на Заев и „негова опсесија се претходниците (во СДСМ, н.з.) и сите што имале шанса да работат со нив. Се разбира, покрај личниот исклучок и тој на вечната потпретседателка и нејзиниот клан, кои секогаш се млади и нови лица. Затоа и ги задуши листите со свое кандидирање, или кандидирања на скоревци, кои немаат врска од политика. Ама имаат врска од послушност“- пишува Мицковски, кој подолго време констатира дека Заев ја приватизира СДСМ.
Но, што може да се очекува од овој состав откако ќе помине низ филтерот на избори и ќе се влезе во парламентот? Што ако тие ја откажат послушноста кон Заев и почнат своја политика контролирана од соросовиот апарат? Што доколку СДСМ и тргне во нормални стапки во овој пратенички мандат, со барање на смена на раководството? Дали овие „послушници“ ќе се премостат кон новиот „центар на моќ“ или повторно поткрепата ќе ја бараат во СОРОС? Колку пратенички групи може ќе изроди оваа Коалицијата на СДСМ со „граѓаните“? Која ли тогаш група ќе се залага за социјалдемократските вредности на „државотворната партија“, како милуваат да се наречат, а која за соросовите двојазични интереси? Воопшто, ќе има ли од нив пратеничка група што ќе се грижи за државните, унитарни интереси, или тоа воопшто нема да им е на агендата?
За ваквата состојба одамна се предупредува од јавноста, токму повикувајќи се на укажувањата, пред сè, од „скопското крило“ на СДСМ, додека партиските кујни го отфрлаа како политичка игра од власта. Оттука, дури и револтира актуелната јавна изненаденост и разочараност на „ангажираната проопозициска јавност“ од потегот на Заев. Не може да се рече дека припадниците на таа јавност се толкави политички аналфабети за да не ги препознаат идните чекори на Заев. Или пак дека толкава била заслепеноста од вербата во настапите на Заев со ветувањата за „враќање на слободата и демократијата“, односно дека тој лик има капацитет со себе да носи вистински демократски промени кои би ги спровел? Дотолку повеќе, што ако навистина ликови како Заев, заедно со Шеќеринска, Пендаровски или партискиот гласноговорникот Петре Шилегов се дограбат до власт? Колкаво би било нивното разочарување од евентуалните тогашни „листи“ од Заевистите – што за чистка и јадење, што за нивна замена, на национално ниво? Веројатно половина членство од СДСМ и поголем дел од медиумски експонираните поддржувачи би биле подготвени и за подрастични чекори предизвикани од разочарувањето. Сепак, според предложените листи, тоа е тешко остварливо.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 219. број на неделникот „Република“, 11.11.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.