| четврток, 6 декември 2018 |

Драган Недељковиќ на форум во Кина: овој настан ја збогатува културната соработка

Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ учествуваше на Првиот министерски форум за културна соработка меѓу Кина и земјите од централна и од источна Европа на тема „Унапредување на соработката и создавање подобро утре“, кој се одржа во Пекинг, Народна Република Кина.

Во своето обраќање на Форумот, заменик-министерот Недељковиќ подвлече дека Народна Република Кина и Република Македонија ги поврзуваат традиционалното пријателство и одличната соработка.

-Реализацијата на Форумот, несомнено, ја подвлекува нашата заедничка желба да ги споделиме мислењата и ставовите за промоција на културните вредности што ги поседуваме. Верувам дека овој значаен настан ќе придонесе за збогатување на културната соработка меѓу земјите, министерствата, институциите и поединците и на тој начин веќе формираната квалитетна основа ќе биде поставена на уште поголемо ниво. Нам ни останува само да ја создадеме рамката, да го креираме амбиентот и да даваме поддршка, а од поединците и институциите очекуваме голем придонес во оваа соработка, истакна Недељковиќ.

Заменик-министерот Драган Недељковиќ оствари и повеќе билатерални средби со претставници на земјите-учеснички на Форумот, со кои разговараше за интензивирање на меѓусебната соработка на полето на културата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top