| четврток, 6 декември 2018 |

Пари за секој добитник: МАРС ќе се одржува и покрај забраната на ЗАМП

Деветтото издание на Македонскиот радиски фестивал (МАРС) 2016, на кој ќе бидат одбрани најпопуларните радиски хитови на годината, селектирани од 40 радиостаници низ Македонија, ќе се одржи на 21 ноември во Македонската опера и балет, и покрај забраната за емитување македонска музика од страна на ЗАМП.

– Бидејќи сме единствена манифестација што ги валоризира македонските хитови и, за разлика од другите, во прв план ги става изведувачите, решивме да не ја прекинуваме традицијата. И покрај сѐ што се случува, на МАРС и годинава ќе ги наградиме пејачите чиишто песни беа најслушани и драго ми е што сите десетмина учесници без двоумење прифатија да настапат. Манифестацијата ќе ја снима МРТ и зависно од тоа дали сѐ уште ќе биде во сила забраната на ЗАМП директно или одложно ќе ја емитува на својата програма. Самиот избор на највртените македонски песни е направен од хитовите на македонските радија до забраната на ЗАМП – рече Антонио Димитриевски, проект-менаџер и идеен творец на „МАРС“.

На првата прес-конференција беше соопштен финалниот избор од 12 песни, кои ги избра 12-члено жири составено од претставници на исто толку радиостаници од Македонија.

На годинашното издание на МАРС, публиката ќе има можност да ги види Влатко Илиевски, ДНК, Наташа Малинкова, Влатко Лозаноски, Магдалена Цветковска, Елена Ристеска, Александар Тарабунов, Пепа Димитрова. Српските пејачки Наташа Беквалац и Гоца Тржан ќе бидат специјални гостинки во ревијалниот дел на Македонскиот радиски фестивал.

Годинашниот избор е направен од 500 песни, а новина е тоа што сите што ќе настапат ќе добијат парични награди.

– Годинава паричните награди се зголемени, па така, пејачот чија песна ќе ја добие наградата за апсолутен радиски хит ќе добие 72.000 денари, а хитот што ќе го избере публиката со гласање на Фејсбук е 36.000 денари. Авторот на најдобриот текст, што со гласање ќе го изберат новинарите од печатените и од електронските медиуми ќе добие 18.000 денари, а по 12.000 ќе добијат сите годинашни учесници – додаде Димитриевски.

Годинашен добитник на наградата за трајни вредности е Џина Папас-Џокси, чија успешна музичка кариера трае цели 40 години.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top