| четврток, 6 декември 2018 |

Второ издание на „Скрипт фест“ на крајот на мај

Фестивалот на филмските сценаристи и филмските сценарија „Скрипт фест“, што го организира Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“, годинава ќе се одржи на 29 и 30 мај во Скопје.

-Ова е второ издание на манифестацијата, а годинава лауреат на наградата „Скрипт феникс“, која се доделува за развој на филмската култура е Мими Ѓоргоска Илиевска, директор на НУ Кинотека на Македонија – Скопје. Наградата „Скрипт презент“, која се доделува за долгогодишен придонес во филмската уметност е Евгенија Димитриева Теодосиевска, новинар од МТВ – Скопје, а  наградата за осведочен ангажман и придонес на планот на филмот, годинава му припадна на авторот Горан Тренчовски од Струмица, соопштува организаторот.

Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на 29 мај, со почеток во 10 часот, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, кога манифестацијата свечено ќе ја отвори  проф. д-р Стефан Сидовски од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА – Скопје, а потоа омаж за филмскиот опус на сценаристот Љубе Цветановски ќе одржи доц. д-р Мишо Нетков, додека пак медијатор на трибината на тема „Сценариото помеѓу филмската индустрија, бизнисот и креативниот чин“, ќе биде доц. д-р Христо Петрески.

Програмата ќе продолжи со проекција на два краткометражни и документарни филма за општините Карпош и Битола од режисерот и снимател Кузман Клековски од Скопје, како и промоција на филмски изданија од Нишкиот културен центар и издавачките куќи „Феникс“ и „Маска“ од Скопје, а  ќе одржат и две работилници за филмско сценарио со ученици од основните и средните училишта во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top