| четврток, 6 декември 2018 |

Тренерот на Монпелје: Ќе биде пеколно тешко да се победи Металург на домашен терен

Екипата на Металург го помина првиот тест за оваа недела, откако вчера го победи босански Извиѓач (36-22) во рамките на регионалната СЕХА лига. Со половина сили, младите ракометари на Лино Червар одговорија на првиот предизвик, но утре им следи потешката задача на домашен терен против Монпелје.

Екипата од Автокоманда ја брка третата победа во ЛШ, а утре ќе има шанса за реванш по убедливиот пораз на првиот натпревар во Франција (28-18). Тренерот на Монпелје, Патрис Канаје е свесен за атмосферата во Скопје и за мотивираноста на младите ракометари на Металург на домашен терен.

– Младоста и неискуството на моите играчи ги прават гостинските натпревари уште потешки. Четирите натпревари оваа сезона ги загубивме само со еден гол разлика, што значи не сме многу далеку за да ги пребродиме тесните завршници. Сега ни следува гостување во Скопје, а ракометарите на Металург се познати по физичката игра на домашен терен, што дополнително ќе ни ја отежни работата. Првиот натпревар беше лесен за нас, но овојпат ќе биде предизвик за мене и моите млади ракометари – изјави Канаје.

Двете победи на Металург во ЛШ оваа сезона стигнаа на домашен терен, против Ла Риоха и Елверум. Натпреварот се игра утре со почеток од 18.45 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top