| четврток, 6 декември 2018 |

Фрај: Партиите да ги прифатат изборните резултати, изборите ќе стават крај на кризата

Сите политички чинители да го прифатат она што ќе го одлучат граѓаните и да ги признаат резултатите од изборите, за Македонија да добие силна влада, но и добра опозиција во иднина, порача пратеникот во германскиот Бундестаг од редовите на ЦДУ/ЦСУ и главен известувач во Бундестагот за Република Македонија, Торстен Фрај, кој е во посета на Македонија.

Фрај во интервју за ТВ НОВА вели дека политичките лидери во земјава имаат заеднички став дека со изборите ќе мора да се стави крај на политичката криза, за Македонија повторно да продолжи во правецот на ЕУ и на НАТО.

„Она што е одлучувачко, сметам дека сите имаат, да речам, еден заеднички став дека со изборите ќе мора да се стави крај на политичката криза, и на крајот на денот дека всушност тука партиите се да работат за луѓето. Мој впечаток е дека всушност она што треба да го направиме е да имаме влада којашто потоа ќе ја преземе, се разбира, работата повторно, којашто ќе продолжи во правецот на ЕУ и на НАТО, да ја води земјата, меѓутоа од една страна, откако Македонија ќе си ја заврши домашната задача, да добие и фер шанса од страна на меѓународната заедница затоа што тоа таа го заслужува“, истакна Фрај.

На средбата со германскиот пратеник, премиерот Емил Димитриев го истакнал фокусот на Владата за организирање кредибилен изборен процес и јасниот владин став за поддршка на работата на Државната изборна комисија. Како што соопштија од владината прес служба, Димитриев посочил дека крајот на домашната политичка криза ќе обезбеди и дополнителен квалитет во надминувањето на актуелните и на потенцијалните предизвици во врска со мигрантите.

Пратеникот Торстен Фрај, кој е член на комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг и на комисијата за односи со ЕУ, се сретна и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со кого исто така разговарале за претстојните парламентарни избори, како и надминувањето на политичката криза. Од партијата соопштија дека на средбата Груевски истакнал дека се исполнети сите услови за одржување на изборите и дека тие се излезот во насока на надминување на кризата, а граѓаните ќе имаат можност да одлучат за иднината на државата.

Фрај кој е во Македонија на покана на фондацијата Конрад Аденауер, вчера се сретна и со потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска. Од СДСМ соопштија дека на средбата Шекеринска ги промовирала своите победнички листи со кандидати за пратеници кои ќе го обноват демократскиот капацитет на Собранието на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top