| четврток, 6 декември 2018 |

Во Европа дневно се продаваат по 500 електрични автомобили

Секој ден по 530 нови електрични и плагин-хибридни возила се појавуваат по европските патишта. Од почетокот на годинава се продадени вкупно 142.982 возила што за погон користат електрична енергија, било да се тоа чисто електрични, „батериски“ возила, или таканаречени приклучни хибриди, кои обично можат да извозат околу триесетина километри со енергијата во батериите – повеќе отколку што изнесува дневниот просек на европските возачи.

Европа веќе сигурно вози на бранот на електромобилноста. Некои држави бележат фантастични вредности на пораст во продажбата на обата вида електрични возила. Во Австрија во првите девет месеци се продадоа 3.765 возила или за 161% повеќе отколку во истиот период лани. Во Белгија порастот исто така бележи трицифрена вредност, со 139 проценти и близу 7.000 продадени електромобили. Од поголемите пазари за овие возила, особено импресионира Шведска, со 9.407 возила и раст од 84 проценти, исто како и Шпанија, кадешто се продадени 2.452 електрични автомобили или за 82% повеќе отколку во првите девет месеци лани.

Во просек, европските држави годинава имаат зголемување во продажбата на електрични автомобили за 22 проценти. Апсолутен шампион е Норвешка, на којашто отпаѓа речиси една петина од вкупната продажба на електромобили во Европа. Тоа не е изненадување, затоа што во меѓувреме секој трет продаден автомобил во земјата е со електричен погон. Наспроти тоа, во само единаесет држави во ЕУ и регионот уделот на електромобилите е над 1 процент. Шведска е втора на листата на држави со најголем електро-удел, со 3,5 проценти, потоа следат Холандија со 2,8% и Швајцарија со 1,8 процент.

Соодносот меѓу „батериските“ и хибридните електромобили не е ист во сите држави. Во Австрија, на пример, дури 77 проценти од продадените 3.765 возила годинава отпаѓа на батериски возила, Франција исто така има висок удел со 74% – благодарение меѓу другото и на „електроспецијалистот“ Renault, додека во Шведска, Финска, Велика Британија или Холандија, поголем дел од електричниот возен парк отпаѓа на приклучни хибриди.

Секоја држава применува различни стратегии за поттикнување на продажбата на електричните возила, од една страна со државни субвенции во висина од неколку илјади евра при набавката на електромобил, од друга страна во секојдневието, со бесплатно користење на јавните полначи за струја и бесплатно паркирање, ослободување од годишниот данок за автомобил или можност за користење на сообраќајната лента што е предвидена за јавниот превоз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top