| четврток, 6 декември 2018 |

Нова фасада, тоалети, прозорци и врати за училиштето „Димитар Влахов“ за ученици со оштетен вид

d-vlahov

Во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во општина Кисела Вода, деновиве се заменети сите врати и прозорци, обновени се фасадата, инсталациите и тоалетите.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски го посети училиштето и изјави дека е особено задоволен кога им се помага и се инвестира за ученици со посебни образовни потреби.

– Министерството заедно со училиштето инвестираше околу 2,5 милиони денари за потребите на ова државно училиште. Ние ќе продолжиме со капитални инвестиции за потребите на учениците со оштетен вид. Генерално граѓаните и учениците со оштетен вид и натаму ќе бидат во фокусот на Министерството за образование и наука. Ние ќе ја продолжиме интензивната комуникација и поддршка на здруженијата на слепи лица во Македонија, рече Ристовски.

Директорот на училиштето Горанчо Јакимов се заблагодари на министерството за инвестицијата, напомнувајќи дека во изминатите години со поддршка на ова и на други министерства, значително се подобрени условите за настава како и квалитетот на самата настава.

Во објектот настава следат 50-ина ученици – и во основното, и во средното училиште. Најголем дел се од Скопје, но има и ученици од околните градови (Куманово и Тетово) кои патуваат секој ден, како и ученици од други градови кои се сместени во ученичкиот дом.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top