| четврток, 6 декември 2018 |

Криминалецот кој го бркаше Спасов е прв братучед со убиецот на полицајците во Арачиново

Еден од лицата со дебело криминално досие, кој во петокот навечер го бркал Диме Спасов по скопските улици, е близок роднина со лице од Чаир, обвинето за убиство на полицајци, пишува „Нетпрес“.

Според информациите до кои дојде порталот, Даут Динарица е прв братучед со Лирим Динарица, обвинет во случајот со убиството на тројцата полицајци на влезот на скопското село Арачиново во јануари 2000 година.

Таткото на Даут Динарица, кој го бркаше Диме Спасов и вчера излезе во одбрана на Оливер Спасовски, Рамадан Динарица, е брат со Хамза Динарица, кој пак е татко на Лирим Динарица, велат изворите за „Нетпрес“.

Лирим Динарица беше првообвинет за убиството, кое се случи вечерта на 11 јануари, на полицајците Кирил Петрушевски (23), Ерол Готак (27) и Ацо Ангеловски (26).

Според обвинението, во тројцата полицајци било пукано со автоматски пушки и со пиштол, по што со неколку автомобили, сторителите веднаш побегнале од местото на злосторството.

Во текот на истрагата уапсени и притворени беа повеќе лица. За време на истражната постапка Лирим Динарица го признал убиството, но потоа во текот на судењето го повлекол својот исказ.

На обвинителна клупа, како обвинети за случајот, седнаа Лирим Динарица, Рамиз Асани, Муча Бајрами, Башким Асани, Агим Асани, Наим Асани и Емрула Емрулај.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top