Македонската фудбалска репрезентација до 21 година успеа да оствари историски резултат и директно да обезбеди пласман на Европското првенство, кое ќе се игра следната година во Полска. Младите фудбалски таленти во својата квалификациска група го освоија првото место, се пласираа пред милионскиот состав на Франција, ја направија нацијата горда и со својата игра ги собраа симпатиите на домашната јавност.
За овој подвиг на младинците, која беше нивната тајна формула за успехот и за тоа што очекуваат од Европското првенство во Полска 2017, „Република“ разговараше со репрезентативците до 21 година, стандардниот првотимец на унгарски Ујпешт, Енис Барди, и со играчот за врска на српскиот шампион Црвена звезда, Давид Бабунски.
1. Со обезбедувањето пласман на Европското првенство за фудбалери до 21 година во Полска успеавте да остварите историски успех и направивте нешто што досега не ѝ успеало на ниту една наша фудбалска репрезентација. Кога ја погледнавте групата со една Франција пред почетокот на квалификациите, дали очекувавте ваков резултат?
Давид Бабунски: Најважни сме ние и нашиот тим. Тоа, можеби, беше клучно за успехот што го постигнавме. Не се оптоварувавме со другите репрезентации. Групата беше исклучително силна, но верувавме во себе, во нашиот квалитет, а тоа е многу важно да го имате на своја страна. Ментално бевме подготвени за секој дуел, па дури и по поразот од Исланд не ја загубивме главата. Останавме цврсти во намерата која јасно како тим си ја поставивме пред почетокот на квалификациите – да направиме голем резултат и да испишеме нова страница во историјата на македонскиот фудбал. Од првиот ден победничкиот менталитет беше присутен во нашата екипа, а тоа само по себе значи дека размислуваме на победа без разлика на противниците.
Енис Барди: Во модерниот фудбал не постојат однапред добиени натпревари. Секој се бори за себе, за својот рејтинг и напредок. Енергијата во нашиот тим беше посебна. Со нетрпение и радост го чекавме секој нареден повик и натпревар на репрезентацијата. Секоја нова победа ни даваше дополнителна самодоверба и поттик. Секоја коцка во мозаикот на селекторот Милевски добиваше на тежина на различен натпревар. Но, сите се боревме и победувавме заедно. Имавме тешки натпревари, но знаевме дека можеме да успееме. Драго ни е што и јавноста го препозна тоа и што ни даде дополнителен мотив за успех.
2. Гледајќи наназад на овие квалификации, кои натпревари ви беа најтешки и дали ова историско спортско остварување на национално ниво може да се каже дека е ваш најголем спортски успех досега?
Давид Бабунски: Мислам дека со Франција се истрошивме физички, но добивме психолошка стабилност и самодоверба. По натпреварот во Скопје и посебно во Ле Ман ни беше јасно дека можеме силно до крај за конечна победа во квалификациите. Иако на последните натпревари и другите репрезентации нѐ гледаа со поинакви очи, ние останавме фокусирани на своето – да се бориме и да победуваме, да победуваме и да се бориме. Успехот со репрезентацијата на Македонија за мене е најголемиот успех во мојата кариера.
Енис Барди: Беше тешко по првиот пораз на гостувањето во Исланд. Загубивме, а знаевме дека поразот е од нашата глава. Не бевме надиграни. Беше тешко да се издвојува победа против Украина на домашен терен и на гостување во Киев. Со многу труд запишавме победа против Шкотска во Единбург, натпревар кој ни ги отвори вратите за добар пласман и, конечно, последните два домашни натпревари. Ја навикнавме јавноста на успех, а најтешко е да победиш кога сите очекуваат тоа лесно да го направиш. Наша среќа е што стручниот штаб нѐ подготвуваше на најдобар начин за секој натпревар и навистина изгледаа лесни победите против Шкотска и Северна Ирска во Скопје. Пласманот на Европското првенство е остварување на еден наш сон и најголем успех во досегашната кариера. Но, ние сме спортисти, секогаш мора да најдеме начин одново да ја кренеме „летвичката“ на успехот. Сега таа е поставена на натпреварите од Европскиот шампионат.
3. Која особина ќе ја издвоите како клучна или што е тоа што го има овој тим, а што ви помогна да го остварите овој историски резултат?
Давид Бабунски: Почит, скромност, тимска работа, дисциплина, пријателство, великодушност… можам да набројувам и натаму, но најбитно е што ние се однесуваме како едно семејство. А, ако ги имате тие вредности на своја страна, не може да биде лошо. Па, дури и да загубите некој натпревар.
Енис Барди: Знаеме дека даваме сѐ од себе на секој дуел, знаеме дека почитта меѓу нас е исклучителна, а селекторот наметна принципи кои нѐ направија посилни. Талентот го ставивме во функција на екипата. Знаете, индивидуалниот квалитет може да ви донесе победа на еден натпревар, но не може да ви донесе пласман на едно големо натпреварување. Ние имавме тим и индивидуални квалитети подредени на тимот.
4. Давид, по историскиот подвиг изјави дека тој може да биде нешто многу повеќе од само спортско достигнување. Мислиш ли дека ваквиот успех може да се одрази врз целото општество?
Давид Бабунски: Се надевам дека ќе биде така. Навистина ни требаше ваков резултат, не само на оваа репрезентација, туку и на јавноста. Заеднички да се израдуваме и да потврдиме дека имаме квалитет и цврстина да се бориме со најдобрите. Во фудбалот е многу тешко да постигнеш ваков резултат, посебно за мала држава и федерација како нашата.
5. Првото место во групата во квалификациите донесе уште поголем предизвик, Европското првенство во Полска следната година. Кои се твоите желби и очекувања од овој меѓународен турнир, кој ќе ги собере најталентираните европски младинци?
Давид Бабунски: Одиме да го освоиме Европското првенство!
Текстот е објавен во рубриката Спорт во неделникот „Република“, кој излезе од печат на 4 ноември 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.