Легендарниот германски напаѓач, Мирослав Клосе реши да стави крај на својата долгогодишна фудбалска кариера. Тој имаше неколку понуди да продолжи да игра фудбал, а и Наполи се поврзуваше со негов ангажман, но на крајот сепак реши да се пензионира.
Клосе во својата кариера ги бранеше боите на Хомбург, Кајзерслаутерн, Вердер Бремен, Баерн Минхен а негов последен клуб во кариерата беше Лацио, каде одигра 170 натпревари и постигна 64 погодоци во сите натпреварувања. Со репрезентацијата на Германија го освои Светското првенство во Бразил, 2014 година, а освои сребро на Светското првенство во Јужна Кореја и Јапонија и на Европското првенство во Австрија и Швајцарија. За „панцерите“ одигра 137 натпревари и постигна 71 погодок.
Неговото име останува запишано како најдобар стрелец во историјата на светските првенства, откако со 16 постигнати погодоци го надмина рекордот на Бразилецот Роналдо.
Германските медиуми јавуваат дека Клосе денеска имал разговор со селекторот Јоаким Лев и се чини дека ќе добие место во стручниот штаб на „панцерите“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.