На Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ победи расказот „Шеќерен град“ на Оливера Ќорвезироска.
Останати добитници на награди се: Димитар Димовски – „Неми филмови“ (втора награда), Трајче Кацаров – „Еден ден од животот на господинот Цвик“ (трета награда), Откупни награди: Јована Матевска – „Нештовина“, Славчо Ковилоски – „Касиус“, Владимир Илиевски – „Стан во дивоградба“
-„Шеќерен град“ (прва награда) е најиновативен во однос на другите а во смисла на самата техника на раскажување, сето тоа споено со едно лично доживување што се препознава. Постмодерната техника тука е употребена да се прикаже една секојдневна ситуација во која има и мала мистерија и карактери што се среќаваат, има една збрка средена преку раскажувачки ред. Се чита со големо задоволство. „Неми филмови“ на Димитар Димовски (втора награда) е напишан во стандардот на големите кратки реалистични раскази, опфаќа голем опсег на судбини во амбиентот на еден краток простор и дури во вештината на опишување на ситуациите потсетува на големите мајстори. „Еден ден од животот на господинот Цвик“ (трета награда) на Трајче Кацаров претставува еден портрет со извонредно промислен и свеж јазик, со користење на нечесто употребувани епитети и опис на ситуации. Свеж од аспект на таа јазична и ситуациона форма што го разлкува до другите и го издигнува како вредност, стои во одлуката на комисијата во состав: Александар Прокопиев, селектор и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура и претставничка на „Нова Македонија“.
Откупни награди добија расказите: „Нештовина“ на Јована Матевска кој според комисијата е една многу реска и остра приказна со талент за гротеска, откачена во секој случај и напишана со знаење за раскажувачката форма; „Касиус“ на Славчо Ковилоски е многу интересно составен портрет на маж што се снаоѓа во ова немирно време, еден противречен карактер опишан со минимални средства но многу убедливо и „Стан во дивоградба“ на Владимир Илиевски е една коректна и многу духовита приказна од нашето збркано современие напишана во манир на добрите реалистични градски приказни од типот на римските на Алберто Моравија.
-По едномесечното собирање, разгледување и препрочитување на расказите што беа испратени на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“, заклучокот е дека конкурсот е успешен бидејќи пристигнаа вкупно 307 ракописи, што е повеќе од сите години досега. Краткиот расказ како иницијална форма на секоја добра проза и преку овој конкурс покажа дека е инспиративен за најразлични раскажувачки постапки. Што е уште поважно, во духот на времето, некои од расказите беа поврзани за современи теми и со нов модерен израз, велат организаторите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.