| четврток, 6 декември 2018 |

Џамбазов: Има ли публика за нашава Република?

Мојата мачката Емилија Џамбазова ја промовира својата книга „Дневникот на една провинцијалка“ во февруари. Мачката е таа што го коментира тоа што ни се случува и таа е многу разочарана од нас и од начинот на кој се соочуваме со животот

Мојот приватен живот се сведува на многу мала комуникација со другиот дел од свет, но за една година не сум загубил ниту еден пријател, а сум добил многу – вака македонскиот шоумен Игор Џамбазов го коментира својот живот. Позитивен, отворен за искрен муабет, на само неколку часа пред закажаниот концерт, легендарниот музичар, актер, композитор и водител зборува за новото шоу со кое ќе се појави на „Македонската телевизија“.

Игор се враќа дома – повторно на МТВ, со свое шоу…
ЏИШ – Џамбазов Игор шоу – тоа е тоа со кое се враќам.

Ти си кум на емисијата?
Џамбазов:
Не, кум е Огнен Неделковски и ќе биде гостин во првата емисија за да го образложи неговиот изум. ЏИШ не е класично шоу со гости. ЏИШ, всушност, не е ни шоу со гости. ЏИШ е телевизиско шоу слично на „Седуммина млади“, најгледаното ТВ-шоу. Има малку од „Седуммина млади“, малку од „Бени Хил“, малку од „Мистр Бин“… Однапред смислени точки, кои се монтираат со метрика, динамика, не траат многу, не го заморуваат гледачот и ќе бидат духовити. Ќе има музички точки, скечови, римејк на познати филмски сцени. Познати личности од Македонија ќе глумат со мене. Најважниот, односно најсериозниот дел од ЏИШ е антологијата на македонската поезија. Најпознатите 40 македонски песни, затоа што во првата сезона ќе има 40 епизоди од ЏИШ, ќе се најдат во таа топ-листа. Ќе направам 40 „поетски“ спотови, со музика и со драмско дејство. Не зборуваме за кажување поезија во парк покрај езерцата или на кеј за да има убава природа. Зборуваме за драматизирани сцени. Тоа е нешто што ќе остане. Македонската поезија вреди многу, а досега не била третирана така како што треба. Не ја третираат добро својата поезија ни нашите соседи. Мислам дека нашата екипа ќе биде прва што ќе направи сериозен пристап кон македонската поезија. Ќе одиме од „Т`га за југ“, па сè до поезијата на новите, млади поети. Ќе имаме и дел откривање нови таленти. Но, не како што се прави во овие реални емисии, туку таленти повозрасни од 60 години, кои никогаш немале можност да го покажат тоа што го знаат, а го знаат многу добро.

Освен водител, Игор ќе биде и актер во своето шоу?
Џамбазов:
Јас ќе ги глумам сите ликови. Ќе се појавува лик што ќе се вика Александар Антички. Потоа Кирил Македонски и Дејан Европски. Тоа се тие три опции на Македонецот. Едниот мисли дека ги влече корените од антиката, другиот тврди дека е чист Словен, кој допатувал од Дунав, и едниот малку хомосексуален што сака да оди во Европа. Тоа е мозаик од ситни анегдоти, вистински вицеви, па сè до сериозни драмски сцени. Можеш ли да замислиш како ќе изгледа последната сцена од Казабланка во која на местото на Ингрид Бергман и Хемфри Богарт се појавуваме јас и Калиопи…

Значи, се работи за шоу што ќе биде однапред снимено?
Џамбазов:
Ќе снимиме за една недела сè што ни е потребно за еден месец, односно за четири емисии. Најважно ми е што дојдов до човекот со кој сакав да го работам ова, Бојан Трифуновски, кој ќе биде официјален режисер и косценарист. Со него сум работел двапати, многу успешно. Еднаш беше асистент на режија на претставата „Сомнително лице“ и режисер на „Крал Иби“, многу интересно видување од негова страна. На фестивалот во Белград со таа претстава поминавме многу добро, Бојан доби многу позитивни критики. Еден театарски критичар, сè уште жив во тоа време, рече дека сум бил подобар од Зоран Радмиловиќ. Бојан веднаш прифати, деновиве чека да се породи неговата сопруга и кога овој разговор ќе излезе во печат, веројатно, Софија ќе биде породена и сакам овде прв да му честитам.

Се враќаш во Македонската телевизија, со која имаше судски спор поради неисплатени хонорари?
Џамбазов:
Мислам дека најдобар слоган би бил Леси се враќа дома. По триста перипетии, турбуленции и многу непријатни ситуации со претходните управи пресреќен сум што во МТВ дојде еден млад тим луѓе за да ѝ ја е*** мајката на МТВ, но во позитивна смисла. За да го исчистат тоа што со години се таложело. Знаеш, кога правиш вино во едно исто буре со години, тоа е тоа што излегува од бурето по 20 години кога ќе го истуриш виното и ќе го изгребеш. Ете тоа треба да се исчисти. А, еве се чувствува промена. До пред шест месеци во источна и во јужна Македонија МТВ беше избришана од далечинскиот управувач. Луѓето воопшто ја немаа меморирано – кој од бојкот, кој од политички причини… Сега им е меѓу првите четири-пет. Но, МТВ секогаш треба да биде на број еден. Тоа е национален сервис. Не е едноставно тоа што ѝ се случи на ХТВ, која сите ја земаат за пример. ХТВ имаше среќа да добие многу пари во време кога земјата беше разурната од војна. ХТВ не само што доби пари и ја подобри програмата, туку ги натера граѓаните да ја сакаат. Мислам дека имаат и можност однапред да се плати претплатата и луѓето го направија тоа. Кај нас тоа нема да се случи уште многу долго. Треба да помине време за да се заборави таа траума што им ја нанесувала МТВ на гледачите, сакајќи или не сакајќи. Веќе некои видни ТВ-лица од своите области почнаа да се појавуваат на МТВ со свои емисии. Ќе се појавам и јас со ЏИШ, еднаш неделно, еден час. Почнуваме наскоро. Ќе се обидам да се натпреварувам со кичот што владее на другите телевизии. Ме советуваат тоа да биде тогаш кога нема турска или индиска серија. Не! Јас сакам да биде тогаш кога има турска или индиска серија затоа што верувам дека народот, можеби, е прост, ама не е глупав. Сè уште тврдам дека сакаат да го гледаат Игор Џамбазов повеќе отколку реприза на некоја 157. епизода. Верувам дека ќе успее. Има мали точки, одвоени, кои може да се пуштаат на полувреме на натпревар, во период кога се чека некој директен пренос… Ќе почнува и ќе завршува со едно мое поздравување од фотелја, кога им посакувам добро вечер и добра ноќ на гледачите, а другото ќе се менува.

Што очекуваш?
Џамбазов:
Секогаш кога се почнува нешто вакво се вели ќе биде добро, ќе биде гледано. Морам да ти кажам дека сум малку исплашен. Не за тоа како ќе изгледа ЏИШ. Исплашен сум од тоа што работите на медиумски план во земјава се менуваат непредвидливо. Денеска си телевизиски магнет, утре си осуденик. Многу осуденици станаа телевизиски магнати. А мене братучед ми е Марфи… Сум анализирал дека во последните 13 години јас не сум работел во безначајни телевизиски проекти. Сум работел во многу значајни и, повеќе или помалку, успешни телевизии. Но, се случија непредвидени работи. Затоа од ЏИШ сакам да направам институција и утре да можам да бидам независен, ова да го понудам на која било телевизија. В година ќе навршам 50 години и подготвувам проект насловен Игор – 50. Голема турнеја низ Македонија каде што ќе презентирам сè што сум правел во животот и дел ќе бидат и гостите од ЏИШ.

mackata-na-dzambazov

Мачката Емилија Џамбазова

Друга новина е твојата нова книга?
Џамбазов:
Сега сум во целосен хаос. Ги работам паралелно двете работи. Книгата не смеам да ја оставам ниту еден ден затоа што се работи за дневник. Се трудам да ја задржам присебноста, половина ден да мислам на книгата, половина ден на ЏИШ, иако двете датотеки се отворени во секое време. Книгата почнува со 1 јануари 2012 година, завршува со 31 декември 2012 година. Промоцијата веќе ја закажав за февруари 2013 година, месецот на мачките. Мачката Емилија Џамбазова ја промовира својата книга „Дневникот на една провинцијалка“. Мачката е таа што го коментира тоа што ни се случува и таа е многу разочарана од нас и од начинот на кој се соочуваме со животот. Таа има решение за сите наши проблеми. Не ми е толку важен изгледот, колку тоа што го има внатре. Сакам да биде нешто што ќе остане. Тие што сега имаат пет години по дваесет години во книгата ќе можат да видат што се случувало кога имале пет години. Однапред им се извинувам на тие писатели што не можат да продадат повеќе од 150 примероци од своите книги.

Претходниот пат седевме, ти го пиеше своето еспресо, а тоа беше токму на една година откако престана да пиеш алкохол. Сега имаш поминато две години и три месеци без алкохол повторно го пиеш своето еспресо.
Џамбазов: Пијам безалкохолно пиво „баварија“. Имав идеја за реклама за еден сопственик на пиварница, но тој не ја реализира. Потоа тоа го видов како реклама со Чарли Шин за безалкохолното пиво „баварија“. Му предлагав, јас седам во кафеана, пијам пиво, доаѓа жена ми, ми удира шлаканица, свињо, лажго, мајка ми збеснува, се откажува од мене… а јас пијам безалкохолно пиво. Но, тој направи некоја реклама со разголени девојчиња… Минатиот пат не пиев седум години. Но, тогаш го оставив пиењето поради други. Сега го оставив поради себе. Тогаш ја почитував желбата на некои драги личности во мојот живот.

Почна еден проект „Фонолоџик“, со учениците од „Идол“. Што стана со тоа?
Џамбазов:
Тоа беше обид да се направи нешто за учесниците од „Идол“ бидејќи бевме свесни дека нема да може да биде почитувано ништо од тоа што беше договорено со „Идол“, пред сè поради тогашната ситуација со телевизијата. Господинот Сефер Цановски имаше желба да го надомести тоа што не можеше да им биде исполнето на децата. Летото по „Идол“ заминавме во Ливадиште, правевме забави, свиреа на отворено, беше прекрасно. Тогаш на вести видовме како го уриваат нашиот свет. Не урнаа зграда, урнаа цел свет. Јас јавно им ветив на сите дека ќе им направам песна. Сега сум во контакт само со Иван Раденов, Билјана и со Дејан од Радовиш. За Дејан веќе направив песна. Ми се јави малиот Кико да ми побара песна, моја стара, немаше проблем. Другите ги нема. Еве им кажувам јавно дека сите финалисти можат да ме побараат и да добијат моја песна. Ако сакаат да ме најдат, ќе ме најдат. Тврдам дека тоа жири од „Идол’ беше идеално жири. Многу породуктивно ќе се чувствуваат луѓето ако гледаат македонски „Идол“, отколку серии. Телевизиите немаат 30 проценти емисија на македонски јазик. Сè друго се јазици што ни се далечни.

Минатиот пат кога разговаравме те прашав кој македонски актер би сакал еден ден да глуми во филм за животот на Игор Џамбазов. Досега не те одглуми никој, но те отпеа Слаткар во една песна, која и не е толку пријатна за слушање.
Џамбазов:
Уметноста нема граници. Денес секој може да напише што сака. Мислам дека тука се работи за недоразбирање. Слаткар сакал да направи нешто. Не верувам дека сакал да биде злонамерен. Сакал да направи нешто, се случило нешто и, едноставно, експериментот не му успеал. Експериментирањето во уметноста е дозволено. Но, грешка му е што не се јави. Заеднички тоа ќе го направевме многу подобро, ќе имаше тежина и значење. Жал ми е кога добра идеја нема да успее поради лошо изведен експеримент. И мене ми се случувало да залутам во слепи улици, да почнам нешто и да не ми успее, но не сум ги давал во јавност. Дамир Имери на некој хармоникаш, кој отсвирел соло за некоја фолк-песна, по осум часа поминати на миксета, на прашањето дали е добро, му рекол добро е, ама не е за во јавност.

dzambazov-i-tatko-mu

Твојот став е дека приказната со театарот е завршена. Но, твојата сестра при едно твое гостување во емисија се јави и ти кажа дека еден ден ќе се вратите заедно на сцена.
Џамбазов:
За сестра ми тоа ќе го направам во секое време. Ѝ правев ќеф на мојата поранешна сопруга, која имаше многу голема желба да глуми, па да не зборуваме за мојата сестра. Тоа е нејзина лична желба и јас ќе ѝ ја исполнам. Таа веќе глуми во филм, во холивудска проекција. Но, сега сакам да се исполни мојата најголема желба и желба на мојот татко – таа да дојде поблиску. Има шанси да се пресели во Париз. Таа ја обожава Франција, вљубена е во Париз. Првиот јазик што го научи е францускиот. Може да твори и да создава на француски. Ќе патуваме за 90 евра со татко ми и ќе ја гледаме. Сега е многу далеку, подалеку не може да биде. Сум мерел во километри. Нема подалечно место од Сан Франциско.

Ти ме праша безброј прашања, јас да ти поставам едно – Имаме ли публика за нашава Република!?

Има публика за оваа Република!

 

„Република“ создадена во првиот дом на Џамбаз

Местото на кое се создаде магазинот „Република“ е истото она место кое е првиот дом на шоуменот Џамбазов. На истата локација на која е изградена зградата во која е сместена нашата Редакција се наоѓала куќата во која живееле Анче и Александар Џамбазови. Игор е роден на 15 јули 1963 година, единаесет дена пред катастрофалниот земјотрес. Тој се присетува на приказната која ја раскажувале неговите родители: – Непосредно пред земјотресот јас сум заплакал. Станале моите родители и ме земале во раце. Тогаш настанал потресот. Татко ми за да ме спаси скокнал од прозор и ги скршил нозете. Моето креветче било затрупано под рушевините. Одамна немав поминато таму. Се изненадив кога пред некое време видов дека на тоа место е крената висока зграда.

Разговараше: Билјана Зафирова

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top